Хаос или ред: Проблеми на граѓаните со управителите на зградите!

Некои заедници на станари никако да ги решат многубројните проблеми од заедничкото живеење. Не им помогнаа ниту ангажираните фирми- управители.

Граѓаните се жалат и често се незадоволни од нив затоа што им наплатуваат и што треба и што не треба, а при тоа не им прикажуваат ниту фактури, ниту каква било друга документација за тоа каде и за што ги трошат нивните пари.

И кога станарите ќе решат да го сменат управителот, овие проблеми испливуваат на површина, бидејќи новата фирма што сакаат да ја ангажираат не може да ја преземе работата, токму поради тоа што не може да се направи примопредавање на документацијата, бидејќи е некомплетна. Во вакви ситуации водењето на заедничките работи во станбената зграда се проблематизира, а заостанува и тековното одржување. Тогаш на станарите само им се потврдуваат нивните сомнежи дека претходната фирма-управител заработувала на нивен грб, прикажувајќи лажни трошоци.

Од Регулаторната комисија за домување го потврдуваат постоењето на вакви проблеми кај граѓаните, но велат дека и лиценцираните фирми - управители имаат проблем со станарите. Најчесто не можат навреме да ги соберат средствата за резервниот фонд, или за месечен надомест што граѓаните треба да го плаќаат за фирмата. Од Комисијата тврдат дека решаваа 90 отсто од поплаките на станарите, а месечно добиваат 20 до 30 поплаки, односно во едно шестмесечје имаат 200 до 300 предмети за различна проблематика. Станарите ги ангажираат управителите најчесто кога имаат проблем со тужење на некои соседи кои не ги намирувале своите обврски во заедничкото живеење. 

Жител на Капиштец, кој сакаше да остане анонимен, вели дека станарите во зградата во која живее не биле задоволни од фирмата-управител која ги водела работите за нивната зграда, па затоа побарале нејзина смена.

Една од причините е што управителот постојано си ја зголемувал цената за месечниот надомест без да ги информира, без согласност на станарите и без никаква одлука, па од 1.200 ја лимитирал сумата на 2.200 денари. Во две години само еднаш се состана со станарите и ништо не прикажа за тоа каде ги троши нашите  пари, вели скопјанецот.

Ако месечно наплатувал за одржување на лифтот 1.500 денари, во друга прилика извршил наплата од 4.000 денари, а при тоа повторно запишал дека тоа се потрошени пари за одржување, а не за некаква замена на делови од лифтот или нешто слично. Од 25 стана месечно им се наплатувало 2.000 за чистачката, а во друга ситуација управителот евидентирал дека за таа намена биле потрошени 7.000 денари. Незадоволни од сето ова станарите побарале нова фирма -управител.

Сепак, и управителите се жалат на проблеми со станарите и често не можат да одговорат на сите нивни барања.