Голем интерес за вакцинација против сезонски грип, но нема вакцини на залиха

Струмичани, тетовци и гостиварци доаѓаат во Скопје по вакцина против сезонски грип.  Покрај овие три града, уште во десетина центри за јавно здравје низ државата за краток период ги потрошиле набавените дози.

Во Струмица за една недела биле употребени сите 1700 вакцини а големи гужви имало и во Штип, Тетово и Охрид. Хронично болни и постари лица кои не успеале навреме да стигнат во овие центри, сега покрај пари за вакцината имаат и патни трошоци. Во Скопје на располагање имаат уште 500-тини дози и велат дека оваа сезона за разлика од претходните има зголемен интерес кај граѓаните за имунизација. Најмногу од нив се оние за кои и важат препораките за вакцинирање.

- Како и вообичаено, се препорачува за оние кои се постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, трудници..Секако оние што ја добиваат вакцината имаат помали шанси да заболат, и доколку заболат, симптомите ќе бидат многу поблаги, вели др. Владимир Миќиќ од ИЈЗ, во изјава за Сител.

Од оние кои примиле вакцина изминатите две недели, најголем број, или повеќе од 70 проценти се лица со хронични заболувања. Меѓу вакцинираните има и околу 400 здравствени работници.

И додека се трошат и последните залихи од вакцините, во тек е и сезоната на заболени од грип. Во Институтот за јавно здравје веќе регистриале 100-тина заразени.