Гази Баба со реакција: Граѓаните не забораваат дека СДСМ е партијата која отвараше хемиски отпад во Железара

Општина Гази Баба со реакција на прес конференцијата на Влатко Митовски од политичката партија СДСМ.

- Политичката партија СДСМ е последниот субјект кој има право да зборува за заштита на животната средина во општина Гази Баба. Ако СДСМ заборава, граѓаните на општина Гази Баба нема никогаш да заборават дека претходното раководство на општината предводено од СДСМ имаше започнато постапка за отворање на хемиски отпад во Железара за кој во првите 100 дена од мандатот градоначалникот Бобан Стефковски донесе акт за поништување на сите превземени дејствија од страна на локалната власт, се вели во реакцијата. 

- Жалиме што политичката партија СДСМ по две години во тешка опозиција во општина Гази Баба не го промени својот пристап во политиката и сеуште мисли дека граѓаните можат да се манипулираат со лаги и невистини. Заштитата на животната средина е на врвот на приоритетите на мандатот на градоначалникот Бобан Стефковски, а за тоа говорат сите реализирани проекти. Изградени се нови зелени паркови во Маџари и Ченто, засадени се над 15.000 нови садници, воведени се мерки за субвенционирање на граѓаните на општина Гази Баба за набавка на велосипеди, електрични тротинети, инвертер клима уреди, печки на пелети, чистење на оџаци, како и субвенции за вградување на уреди на течен нафтен гас во возилата и субвенции за поставување на сончеви колектори. Изработен е реален и функционален катастар на загадувачи како и нов катастар на зеленило, додаваат во писмената реакција. 

Дополнително исчистени се над 80 диви депонии од јавните површини во општината, а ЈКП Гази Баба за разлика од претходно денес претставува вистински сервис на граѓани. Деструктивната политика која ја води СДСМ на локално ниво во Гази Баба не ја поддржуваат ниту сите советници кои се избрани од Советничката листа на СДСМ, а за тоа говори фактот што еден советник ја напушти советничката група и се изјасни дека во иднина ќе делува како независен советник. СДСМ нема да го закочи брзиот развој на општина Гази Баба, се наведува во соопштението од Гази Баба.