Гастербајтерите повеќе од нас го слават денов, значи тие знаат што изгубиле

Една поинаква, содржински ведра и силна порака по повод денешниот празник - Денот на независноста упати една Македонка!

Главната порака е да имаме повеќе верба, надеж и оптимизам, и повеќе да го цениме она што го имаме во нашата Македонија!

Нејзиниот интересен став ви го пренесуваме во целост. 

-Јас гледам 4 годишни времиња, гледам над 300 сончеви денови, гледам секој втор познат на улица, гледам баби и дедовци, тетки, вујни, тетиновци, полни со љубов, зошто ова е земја со најубави детства. Гледам пријател на еден телефонски повик.

Гледам море на 2 саати возење, гледам планина на пола саат. Го гледам Охридон, Струга најубавата, Дримон да не можеш да му се изнагледаш. Го гледам Пелистер со очите и Крушево под снег, го гледам Дојран со кострешон и смоквите најслатки, го гледам Куманово со мезлк и гостопримство.

Го гледам Тетово со гравчето и Шара со авантурите. Гледам џагор на љуљашки, гледам мезиња без број.

Да, има проблеми, но ги има сегде. Ние одбравме да останеме, како Пирејот на Петре. Наше е да се обидуваме да си го подобриме животот со борба, бидејќи битки има секаде, а не само да се жалиме. Премногу негативни коментари за роденденов, а преубава земја имаме. Жал ми е што денес гастербајтерите повеќе од нас го слават денов, значи тие знаат што изгубиле. А да пробаме да видиме што имаме, наместо што ни фали?