Македонската ракометна репрезентација ќе добие рекордна парична премија доколку стигне до полуфиналето на Европското првенство што стартува денеска во Хрватска.

Првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов на ракометарите им ветил премија од 100.000 евра доколку успеат да стигнат до полуфиналето на континенталниот турнир. Доколку нашиот национален тим ја мине првата фаза на ЕП, ќе добие 30.000 евра, а доколку стигне до едно од првите шест места на турнирот премијата ќе изнесува 60.000 евра.

Ова е добар стимул за нашите ракометари што подобро да се презентираат на Европското првенство иако овие премии се далеку од она што германските репрезентативци би го заработиле за евентуален златен медал на турнирот. Секој германски репрезентативец ќе добие по 250.000 евра за одбрана на европската титула.

Македонија утре го игра првиот натпревар на ЕП против Словенија во рамки на групата Ц со почеток во 19.30 часот во Загреб.