ДЗР: Од 140 регистрирани пациенти со цистична фиброза МЗ има обезбедено лек за само 15

Државниот завод за ревизија го објави својот извештај каде се споменува дека Министерството за здравство има обезбедено лек за само 15 пациенти кои боледуваат од цистична фиброза од можни 140 регистирани на кои им е потребен овој лек.

ДЗР констатирал состојби и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година.

Во извештајот се наведува дека Клиниката за детски болести за набавка на дел од лековите која се врши и преку Програмата за лекување на ретки болести во рамки на министерството, за 2022 година и 2023 година обезбедила средства во вкупен износ од 180.350 илјади денари, односно околу 2.9 милиони евра. Обезбедениот износ е доволен за набавка на терапија само за 15 пациенти, додека согласно приложената документација, регистрирани се помеѓу 130 и 140 пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.

- “Ненавлегувајќи во медицинската исправност на одлуките на докторите и не оспорувајќи ја потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, состојбата со ограничен буџет и ограничен број на пациенти на кои им се дава терапијата, доведува до постоење на ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија“ се вели во извештајот на ДЗР.

Поради тоа, со ревизијата е нагласено дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот и Министерството да преземат активности за обезбедување на средства за терапија за сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум.