Две илјади евра казна за движење во заштитени шуми

Поради високите температури во овој период од годината, а со тоа и зголемена опасност од појава на шумски пожари, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на ЈП „Македонски шуми“ потсети дека веќе даде согласност за делумна забрана за движење во шумите со стопанска намена во период од 15 јули до 15 август.

Според одлуката, ова не важи за вработените во Јавното претпријаите за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитени подрачја од сите категории. Исто така, оваа согласност не важи за организирана тура на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена во Македонија, која ќе биде во придружба на претставник од ЈП „Македонски шуми“ и претставник од субјектите кои управуваат со заштитени подрачја од сите категории.

- Воедно апелираме до сите граѓани на Македонија во овој период од годината а и заради своја безбедност да се воздржат од нанесување на штети на шумата, палење отворен оган во шума, користење на средства - материјали кои се запалици, а се за лични употреба и друго - велат од министерството.

Појаснуваат дека за непочитување на одредбите, физички лица кои се затекнати да се движат во шума без соодветна дозвола од Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитени подрачја ќе им се изрече глоба од 1.500 до две илјади евра во денарска противредност, согласно член 106 од Законот за шумите.

- Исто така се известуваат сите граѓани дека е забрането палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловишта и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита од шумски пожари. За непочитување на одредбите се предвидува глоба во износ од 1500 до 3000 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице - соопштија од министерството.