ДУП-от пречка за модернизација на Бит Пазар

Инвестицијата вредна 3,5 милиони евра, со која Скопски Пазар ќе го модернизира најголемиот скопски пазар заглави поради ДУП-от. Од Општина Чаир, на чија територија се наоѓа пазарот, велат дека нивниот дел од процедурата е комплетно завршен и дека останатиот дел останува на „Скопски Пазар“, а тоа подразбира фирма-инвеститор која ќе ги реализира градежните зафати. 

Меѓутоа, од Скопски Пазар велат дека непредвидени обврски се причината за нереализирањето на проектот. Како што велат, погрешно исцртана линија во Деталниот урбаниситчки план на Општина Чаир, кој се однесува на делот Бит Пазар е пречка за застојот. Имено, Скопски Пазар има обврска да докупи државно земјиште за да може да започне со реалзиација на големиот проект кој ќе го модернизира пазарот. Роковите за комплетирање на монтажниот објект се една година. Објектот ќе го модернизира пазарот на начин што ќе обезбеди примарно подобри услови во самиот пазар, односно ќе заштити од надворешни влијанија како студ, дожд, снег и слично, а и ќе влијае на расчистување на дивите продавачи. Во рамки на објектот влегува и деловен простор од 600 квадратни метри, како и паркинг простор со капацитет од 230 возила. Со овој проект пазарот ќе се простира на 10 000 квадратни метри целосно покриен простор, кој би имал капацитет за дополнителни 1 000 тезги. 

Идејата е при спроведувањето на градежните активности пазарот да остане во функција, така што градежните работи ќе се изведуваат во неколку фази. На почеток ќе се гради бетонски фундамент, кој би ја носел металната монтажна конструкција. Покривањето исто така ќе оди во неколку фази така што ќе им се овозможи на пазарџиите да ги релоцираат своите тезги и да продолжат со работа непречено. Планираниот паркинг ќе биде на покривот на објектот а на него ќе се влегува преку рампи поврзани со улиците околу пазарот.