„Скопски пазар“ ги даде по наем сите маркети, ќе гради нов Бит-пазар

Неодамна, „Скопски пзар“ одлучи да ја затвори малопродажната мрежа од брендовите „СП Маркет“ и „Макси Д“ при тоа затворајќи една дејност која создаваше загуби зашто месечно за плати одеа околу 2 милиони денари, за струја еден милион денари, а тука се и кражбите и други расходи.

Маркетите на „Скопски пазар" се дадени под закуп на компании што веќе се занимаваат со таа дејност - „КитГо" од Штип и „Зур" од Скопје. Компанијата од оваа зделка ќе приходува за 2,4 милиони денари месечно повеќе од досега. Опремата е продадена според пазарни услови, а сите вработени се преземени од новите закупци.

Затворањето на малопродажните објекти го означи почетокот на процесот на преструктурирање и консолидација на друштвото.

„Веќе се склучени долгорочни договори за закуп на затворените простории со реномирани компании од малопродажната дејност со што се потврдува определбата за позиционирање на „Скопски пазар“ како лидер во стопанисување со деловен простор на територијата на град Скопје, а и пошироко во земјата. Исто така, сакаме да информираме за добивање на одобрение за градба на пазарот Бит Пазар, за што се чека рок за правосилностна одобрението. Со оваа инвестициска активност ќе се овозможи целосно покривање на Бит Пазар, нови тезги за корисниците прилагодени на дејноста, паркинг простор за 250 возила како и нов деловен простор наменет за продажба на заинтересирани инвеститори. Инвестицијата се проценува на околу 3,5 милиони евра, а ќе се финансира од извори на друштвото. „Скопски пазар“ годинава ќе слави 66 години од основањето и оваа инвестиција ќе ги потврди определбите на целиот колектив на друштвото за напредок и развој како значаен придонес кон подобрување на снабдувањето на Скопје со свежи продукти и стоки за широка потрошувачка“, велат одговорните од „Скопски пазар“.

Со оваа инвестиција се предвидува поставување на 1.000 нови тезги, целосно обновување на инфраструктурата на пазарот (водовод и канализација), целосно покривање на пазарот со отварање на нови 230 паркинг места во рамките на локацијата и нов деловен простор во површина од 600 м2.

Новиот проект ќе овозможиме нов модерен начин на пазарење, како и подобрување на функционалноста и условите за работење на корисниците.