ДРАМА НА АЕРОДРОМ: Македонските патници и Лепа Брена останаа без куфери!

Стотина патници кои викендов патуваа со ЕР Србија на различни дестинации, кога пристигнале на белградскиот аеродром Никола Тесла не си го добија својот багаж. На аеродромот настанал вистински хаос, а меѓу патниците кои биле "соголени", се најдоа и неколку македонски туристи и познатата српска ѕвезда Лепа Брена.

Како што велат за Вечер патниците кои пристигнаа во Скопје, од аеродромот во Романија полетале без никаков проблем ниту пак некој им навестил дека можеби нивниот багаж нема да лета со истиот авион. Но, кога слетале во Белград на аеродромот Никола Тесла, следел ладен туш!. Нивниот багаж останал во Романија.

По неколку часа потрага, од компанијата ЕР Србија им било објаснето дека авионот со кој летале немал капацитет да прими толку багаж и дека куферите ќе им бидат дополнително испорачани на домашна адреса.

-Беше навистина непријатна ситуација. Слетавме во Белград и не ни насетувавме дека нашите куфери се останати во Романија. Дури по неколку часа чекање да ги подигнеме куферите, на шалтерот на аеродромот ни кажаа дека багажот не ни е загубен туку дека воопшто не е ни утоварен во авионот. Причина, наводно бил ограничениот капацитет на носивост на авионот. Ни рекоа дека куферите ќе ни бидат донесени со друг лет и испорачани на домашна адреса, вели наша соговорничка Марија.

Најголема драма на аеродромот во Белград сепак направи Лепа Брена која, како што велат нашите соговорници, буквално полудела кога видела дека од големиот багаж и останала само чантата.

Од претставништвото на Ер Србија во Скопје, информираа дека ова се случува во последниве денови, бидејќи е зголемен бројот на патници кои поради годишните одмори носат повеќе багаж од вообичаеното.