Дијаспората сака да го купи „Ќосето“

Засега освен општина Сопиште најголем ангажман за „спасување“ на дислоцираниот споменик на атентаторот Андон Лазов Јанев - Ќосето покажува и македонската дијаспора која се понуди да го откупи од град Скопје со цел истиот да не биде стопен или вечно заборавен.

Според предлогот на Светскиот македонски конгрес од членството во Австралија тие би се погрижиле Ќосето да биде поставен како споменик на друга локација во Македонија. Зад идејата стојат Џим Стефаноски, и Горан Котев.

„Ќосето му припаѓа на македонскиот народ. Светски македонски конгрес и Македонците од Австралија сакаат да дадат понуда за купување на споменикот за Ќосето да остане во Република Македонија. Не сакаме да видиме тој да ја напушти земјата и сигурно не сакаме да видиме целосно да биде уништен“, изјави Стефаноски.

Гласините дека споменикот, кој беше донација на Град Скопје, ќе биде или релоциран во бугарскиот град Благоевград или ќе биде уништен во топилница, го поттикнаа СМК-Австралија да дадат понуда за откуп. Тие исто така го осудија дислоцирањето на „Ќосето“.