Дали ќе заѕвони училишното ѕвонче на 1-ви септември?

Во Дојран и во Гевгелија, но и во подрачјата кои беа зафатени со поплавата од 6 август, сè повеќе се зборува дека учениците годинава подоцна ќе тргнат на училиште, односно дека наставата ќе почне на 15 септември.

Причините се најразлични, од топлото време во јужните краеви, до лошите услови кои ги остави поплавата во Скопскиот и во Тетовскиот Регион.
Но, од Министерството за образование и наука велат дека учебната година ќе започне на 1 септември.

"До овој момент до Министерството за образование и наука од страна на споменатите локални самоуправи не е доставена иницијатива за пролонгирање на учебната година, која согласно законската регулатива, по правило започнува на 1 септември, а завршува на 31 август наредната година", велат од Министерството за образование и наука.

Минатата година Здружението на хотелиери поднесе барање до Министерството за одложување на почетокот на учебната година поради пролонгирање на туристичката сезона. Но, по направената анализа, Министерството го отфрли барањето како неосновано.