Чупиќ: Освоивме важни бодови, сега ќе уживаме во победата

Европскиот шампион Вардар триумфално ја почна одбраната на трофејот со гостинска победа кај Висла Плоцк (26:22). Десното крило Иван Чупиќ задоволен од освоените бодови на тешкиот терен во Плоцк.

– Знаевме дека тие играат многу добро на домашен терен, но мислам дека заслужено победивме. Ова се многу важни бодови за нас. Знам дека на сите екипи ќе им биде тешко тука да играат, па и да победат. Ние сега ќе уживаме во победата, изјави хрватскиот интернационалец.

Тренерот Раул Гонзалез ја пофали играта во одбраната како клучна за победата на „црвено-црните“.

– Овде е тешко да се освојат бодови. Висла има одличен тренер и добри играчи. Ние добро игравме во одбрана и тоа беше една од главните разлики. Висла беше подобра на почетокот на вториот дел. Тоа ни донесе проблеми, но успеавме да се консолидираме и да победиме, рече Гонзалес.