Четврт век незвисност - жилава борба за опстојување на Македонија и Македонците

Република Македонија одбележува две ипол децении независност и сувереност. Но, дали може да се каже дека сонот на Македонците за своја држава е исполнет или битката за сочувување на Македонија сѐ уште не е завршена?

- Во овие 25 години, Македонија се соочи со жилава борба за опстојување, бидејќи на Македонците во Букурешт и Версај им беше одземено правото на државотворност, а големите сили „конечно“ го решија македонското прашање, со надеж дека од Македонците,  нивните балкански сојузници, ќе создадат покорни Грци, Срби, Бугари. Беа непријатно изненадени одона што се случуваше 1941-1944, па во британските извештаи се потенцира дека за Македонците е поважна националната слобода од идеологијата. Тие од  АСНОМ, до Грчката грѓанска војна, па до приемот во ООН под ПЈРМ, ја играа долгорочната дипломатска стратегија да се држи под контрола „македонскиот синдром“, вели професорката Виолета Ачкоска.



Од друга страна, според неа, ниту еден од балканските соседи не се откажа од правото на територијално владеење врз Македонија, повикувајќи се на некој свој „историски легитимитет“. 

- Но, во овие години Македонија се соочи и со низа внатрешни проблеми, од кои најтрагични беа: менување на уставното име, знаме, одрекување за грижата  за македонското малцинство во соседството, криминалната приватизација (за мене таа е централен и најпогубен проблем), договорот со Тајван, Рамковиот договор, последната територијална поделба, сомнителниот попис на населението, „арапската пролет во форма на шарена револуција“ и наменатиот Пржински договор. Сите овие настани се клучни во борбата на антидржавните сили за уништување на македонската држава, смета професорката.

Без АСНОМ 1944 ќе ја немаше сегашна Македонија

Таа вели дека, ако се погледне назад, различни генерации Македонци имале различни задачи пред историјата во исполнување на нивните идеали за слобода и државност.

-Македонската револуционерна организација при крајот на 19 и почеток на 20 век го издигнала лозунгот за автономија ослонувајќи се на  одредбите од Берлинскиот договор 1878 година. Автономијата за нашите Илинденци била етапа на патот кон стекнување политичка независност во границите на етногеографска Македонија. По поделбата на Македонија во Балканските и Првата светска војна, сонот на Македонците бил повторно обединување и државотворно конституирање – односно независна македонска држава на  Балканот. Во истиот период се јавува и идејата за Балканска федерација во чии рамки Македонија ќе биде една од државите- конституенти. Конечно македонското прашање се реши во текот на Втората светска војна, при што Македонците изградија држава во т.н. вардарски дел од Македонија во рамките на југословенската федерација, вели професорката..

Со тоа, според неа, не беше остварен сонот на многу генерации, но истовремено, таа македонска држава беше големо достигање за изградбата на една модерна современа македонска нација.

-Во историските околности асномска Македонија беше сепак остварување на еден сон – свој јазик, азбука, национални институции, образование.. Без АСНОМ 1944 година, не ќе можеше да ја има ни денешна суверена Република Македонија, потенцира професорката.

Македонците покажаа зрелост и свесност дека СФРЈ заминува во историјата

И по 25 години независност сѐ уште се води дебата околу референдумското прашање кое двосмислено формулирано : „Дали сте за суверена и за самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“?

Професорката Ачкоска вели дека, некои водечки личности во тој период се сомневаа во самосвеста на македонскиот народ знаејќи дека КОС и другите номенклатури (на кои припаѓаа) работат интензивно против одделувањето на Македонија од Југославија.

- Некои, беа исплашени од заканувачките планови на ЈНА, некои се сокрија чекајќи исход, односно со надеж дека сепак референдумот ќе пропадне. Се играше на картата дека македонскиот народ најповеќе е врзан за Југославија во која, за прв пат во современата историја ги уживаше сите национални права. Притоа заборавија дека никој  на Македонецот не му поклонил ништо, туку дека тоа право и слобода е  постигнато со огромни човечки жртви, потенцира проф. д-р Ачкоска.

Според неа, македонскиот народ на 8- ми септември 1991 година покажа огромна зрелост и самосвест за тоа дека  СФРЈ замина во историјата и дека треба да се сврти напред и да гради самостојна држава. 

Консензус и единство за највиталните национални прашања

За Македонците да ја сочуваат својата држава, според професорката, прво треба  многу повеќе љубов кон државата и почит кон нејзината историја, име, корени.

- Да знаеме кои сме за да имаме иднина и препознатливост. Помалку меѓусебни навреди, а повеќе свртување на секој кон себе си: колку можам јас да дадам повеќе во она кое го работам. Преиспитување на потеклото на богатството на многу транзициони богаташи и конфискација во интерес на државата.  Свртување кон потребите и интересите кои се автентични за Македонија без да се пренесуваат искуства кои не одговараат на нашата традиција, материјална и духовна состојба. Водење сметка за стручноста и компетентноста на кадрите. И најважно - консензус и единство за највиталните национални прашања: името, идентитетот и унитарноста на државата, заклучува таа.

Македонија е неуништива

Поранешениот потпретседател на Собранието Драги Арсов, кој наместо тогашниот прв човек на парламентот Стојан Андов, ја потпиша Декларацијата за независност, вели дека,Македонија е неуништива и никој не може да ја уништи.

Македонија постоела, постои и ќе постои не само за оние кои се бореа со векови за неа, не само за нас, туку за век веков.Македонскиот народ го разбуди џинот Македонија. На тој џин веќе никој не може да му го уништи неговиот идентитет. Македонија отсекогаш била и ќе биде Македонија. Таа има своја митологија и теоним (Македон) според кој земјата се нарекла Македонија, населението Македонци, јазикот македонски, има своја свест за припадност. Тие уште од митолошкото време биле свесни дека се Македонци, а својата земја ја нарекле Македонија според теонимот Македон како што тоа го потврдуваат и бројните антички сведоштва. За постоењето на Македонија сведочат и бројните споменици од минатото и од денешнината. Тие се симболи на она што не може да се уништи, вели Арсов.

Тој се потсетува на деновите пред да биде одржан референдумот и вели дека не голем број на високи претставници од наследничката на СКЈ, (СКМ-ПДП) не верувале дека Македонија може да биде независна и затоа прашањето на референдумот било формулирано: „Дали сте за суверена и за самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“?

Тие од петни жили се бореа за опстанокот на Југославија, тие што беа препознатливи како пројугословенски натрапници тие гласаа против секаков предлог што имаше национален белег. Потврда за тоа е и референдумското прашање со „опашката“ за сојуз со југословенските држави, вели Арсов.

За разлика од нив, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ веднаш по влегувањето во парламентот, се залагале да се прогласи независна држава Македонија.

Словенија и Хрватска тоа веќе го направија и војна водеа со ЈНА за својата независност. Македонија чекаше, а ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги имавме в раце веќе донесените и усвоени декларации за независност на Словенија и Хрватска. Јас ги користев текстовите на тие декларации кога ја подготвувавме македонската предлог-декларација за независна МакедонијаСтојан Андов тогаш не беше подготвен да ја потпише, одеднаш исчезна, го немаше. Во негово отсуство јас како потпретседател на Собранието на Република Македонија ја потпишав и се гордеам со тоа што јас го направив во мое име и во името на ВМРО-ДПМНЕ. Додека постои независна Македонија ќе стои и мојот потпис под декларацијата, вели Арсов.

Битката продолжува

И покрај скептицизмот кој владеел тогаш во одредени политички кругови, но и меѓу дел од граѓаните, околу тоа дали Македонија ќе успее сама, на референдум на 8 септември 1991 година мнозинство се изјасни за суверена и самостојна држава Македонија. Десет дена подоцна македонското Собрание со Декларација за прифаќање на референдумските резултати и формално ја потврди волјата на народот за самостојна држава. После два месеци, на 17 ноември, Собранието го усвои највисокиот акт на државата, Уставот на Република Македонија, што свечено беше прогласен на 20 ноември 1991 година. Воедно беше донесена и усвоена и Декларацијата за меѓународно признавање на Македонија како суверена и независна држава. 

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ. Во периодот кога Македонија ја прогласуваше својатаа независност, во другите поранешни републики на СФРЈ се водеше  војна. За среќа, Македонија успеа мирно да ја напушти југословенската дружба и  да не заталка во крвавиот виор кој беснееше тогаш на Балканот. 

Денес, 25 години подоцна, Македонија сѐ уште се бори за нејзиното признавање и битката за сочувување на државата и натаму трае.

Ирена Радовановиќ / МИА