Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април, одлучи Владата

Владата ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Усвоените измени и дополнувања од страна на Владата, се по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со нив се утврдува опсег од 15% до 30%, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност.

За износ на трошоците над 30%, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Денешната одлука на Владата значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.

Дополнително е утврдено дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, најдоцна до 30 септември, секоја година, до Владата доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.