Бура реакции за 2 јануари: Што е со болниците и закажаните прегледи, дали и тие нема да работат?

-Дали имате сознанија дали градинките ќе работат на втори јануари? Како родители кои работат во приватен сектор и ќе работиме на тој ден ќе се снајдат за чување на своите деца? Чинам одлуката на Владата требаше да биде категорична за сите, а не вака…

Ваков хаос настана еден ден по одлуката на владата, на втори јануари да не работат вработените во јавната и државната администрација, а препорака е оваа одлука да ја следат и единиците на локалната самоуправа и приватниот сектор.

Граѓаните револтирани на социјалните мрежи пишуваат дека не е во ред да се одлучува селективно за неработни денови, како и дека немаат сите „баба сервсис“ за да во толку краток период обезбедат кој ќе им ги чува децата. За многумина градинката им е втор дом. Пишуваат дека работодавиците од приватниот сектор не се така великодушно расположени и дека сепак втори јануари за нив е работен ден. И овој пат според граѓаните ваквата недоволно обмислена одлука им прави само проблеми, а не добро или позитивно чувство во духот на празниците.

Кај граѓаните се јави и паника, што е со болниците/ амбулантите? закажаните прегледи? Дали и тие нема да работат? Дел од нив кои треба да дојдат од други градови во клиниките во Скопје, коментираат дека им е навистина важно дали ќе им мрзне детето по патиштата или не.

Бурни реакции можеа да се видат и на твитер: „Роди ме мајко без совест, фрли ме во администрација“, е само една од многуте статуси со револт кои ја опишуваат состојбата во која власта непотребно ги стави граѓаните.

Но има и такви кои сметаат дека сепак се работи само за еден ден и оправдуваат дека нема ништо лошо во тоа админситрацијата да не работи на втори јануари. Она што е важно како што пишуваат дека денот не се дава гратис туку ќе се „одработи“.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата рече дека денот мора да се одработи, бидејќи се работи за одлука која не е дел од законското решение, туку е одлука на Влада.

Се работи за дел од традицијата од минатото која е во интерес на граѓаните на Република Македонија. Владата го прогласи за неработен ден за јавната и државната администрација, а им препорачуваме на единиците на локалната самоуправа и на приватните компании, ако можат, да ја следат оваа одлука. Овој ден ќе се одработи во текот на годината бидејќи не е дел од законското решение, туку е одлука на Влада, појасни Бошњаковски.