“Брат, ќе одам да пишам ливче, имам сигурна добивка” – обложувалниците ново хоби на малолетниците

Лесни пари, без многу труд. Вложуваш, некогаш добиваш, некогаш губиш.

Обложувалници стануваат главно „хоби” на малолетниците, алармираат надлежните.

Алкохолот и цигарите пак, веќе не се сметаат за порок меѓу малолетниците , а лесно си купуваат без некој да им побара лична карта. Обложувањето е исто така секојдневие за младите, кои не поминуваат ни ден без да уплатат барем ливче во кладилница.

Наместо на училиште, дел од малолетници времето го поминуваат во спортските обложувалници. Во потрага по брза заработувачка, следење спортски натпревари или едноставно поради забава се почесто е присуството на малолетници во обложувалниците или казината. Родителите веќе ги алармирале наставниците, а граѓаните полицијата дека деца посетуваат вакви објекти и бараат помош заеднички да се справат со оваа појава која на ниво на државата последниве години преминува во масовна.

Средношколците, пак, не кријат дека често се обидуваат да поминат време во спортските обложувалници. Дел од нив признаваат дека „бегаат“ од часови за да пуштат тикет и се надеваат на одредена добивка, а резултатите ги следат на мобилните телефони, целосно концентрирајќи се на оваа активност наместо на предавањата. Некои раскажаа дека и нивните родители го прават истото и признаваат дека и самите им уплаќаат спортска.