Бомби, пукотници и насилство во главниот град: Криминалот се враќа во Скопје на голема врата

Последниов период, особено последните недели, е забележително зголемувањето на насилството во главниот град, а секојдневно билтенот станува сé пообемен и сé позастрашувачки, што го наметнува прашањето дали Скопје станува небезбедно место но ја прави и неопходна потребата од итно преземање мерки од страна на надлежните институции.

На 02.10.2017 година во 23.40 часот во Единица за информации и команда Скопје, М. Д. од с.Сарај пријавил дека во 23.30 часот во неговиот двор била фрлена експлозивна направа која експлодирала и направила оштетувања на куќата и неговото возило. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 03.10.2017 година околу 01.40 часот на ул. „Варшавска“ во Скопје, од засега непознати причини, избувнал пожар при што целосно било опожарено патничко возило „БМВ Х5“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ј.Ј. од Скопје. Пожарот бил изгаснат во 02.25 часот од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита. Увид на местото на настанот ќе се врши во текот на денешниот ден.

Во периодот од 23.00 часот на 01.10 до 10.30 часот на 02.10.2017 година на ул. „Орце Николов“ во Скопје, непознат сторител испукал неколку проектили од огнено оружје кон паркирано патничко возило „Порше“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.Т. од Скопје. Од проектилите било оштетено ветробранското стакло и дел од хаубата. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 02.10.2017 година во 19.40 часот во аптека на ул. „Московска“ во Скопје, две непознати лица извршиле разбојништво врз вработените. Сторителите со закана со пиштол од касата ги одзеле парите од дневниот промет и побегнале во непознат правец. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот“, стои меѓу дугото во билтенот за последното деноноќие на СВР Скопје.