Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ се огласија со реакција откако на социјалните мрежи вчера се појави видео во кое маж закла зајак на јавна површина.
- Нема ни страв, ни казна за социопатите кои злоставуваат и убиваат животни, ниту крај на страдањето на животните во Македонија, велат од Здружението од каде споделија и видео од настанот.
- Во една од најурбаните и најфрекфентни населби во Скопје, Ново Лисиче; во парк кој е секогаш полн со луѓе, деца, човек мртов ладен колеше и закла зајак. И покрај реакции на некои поединци, животното е убиено од психопат кој мртов ладен дојде со нож и обезглави живо битие. Најверојатно се работи за миленик кој имал повредена нога, па така наместо на ветеринар заврши без глава, појаснуваат од „Анима Мунди“.
- Ова е резултат на моралната бездна во која се наоѓа Македонија, игнорирањето на страдањата на животните, неказнивоста на социопатите и насилниците, неспособноста и инертноста на институциите, смешните казни кои се предвидени со Кривичниот закон и Законот за заштита и благосостојба на животните кои и како такви не се спроведуваат! Ова е резултат на игнорирањата на барањата на здруженијата за заштита на животни за сериозно зголемување на кривичните казни и конечни измени на Законот за заштита на животните, велат оттаму.
- 15 години од кога постоиме еден одговорен функционер не се најде да ја сфати сериозната на насилството врз животните како девијација која неминовно води до поголеми насилства и кривични дела, се реперкуира на целото општество и систем, да види еднаш и се запраша што воопшто бараат Анима Мунди – нашите предлог измени на закони, иницијативи, барања аргументи, куп, пишани документи се доставувани кај сите и се очигледно во канта или заглавени во фиока. Затоа и живееме во држава во каква што живееме, во која хуманост, ред и правда се мисловни именки. Бараме итно да се истражи овој настан, да се лоцира сторителот и да се стави зад решетки, порачаа во нивното соопштение до медиумите.