Постојат огромен број на предности и недостатоци кога размислувате дали да изнајмите живеалиште или да купите сопствен дом. На пример, помладите брачни парови потешко се одлучуваат за купување на стан, преферирајќи да живеат под наем додека фамилијата не се прошири и да биде неопходно да се одлучат за купување на сопствен дом. Друга причина поради која луѓето би се одлучиле за наем наместо купување на стан е фактот дека поседувањето на сопствен стан повлекува големи трошоци и плаќање на кредити. Во секој случај финансиите со кои располагате играат клучна улога при донесувањето на одлука дали да живеете под наем или да купите сопствен дом.

Во продолжение претставуваме неколку совети кои ќе ви помогнат да одлучите кое решение е вистинското за вас.

Наем наспроти Купување

Зошто наем ?

Изнајмувањето на стан ве "ослободува" од обврските кои произлегуваат во случај да сте сопственик на стан, како на пример одржување на зградата, надоградби и реновирања на живеалиштето. Сето тоа не е ваша грижа.

Изнајмувањето значи дека сте во состојба да поставите фиксни трошоци на месечно ниво, односно можете да го испланирате вашиот буџет и да не се најдете во ситуација кога би биле изненадени од скапи итни поправки или значајно зголемување на трошоците заради разни даноци.

Лицата кои живеат под наем се обврзани да ги почитуваат правилата кои се поставени од страна на сопственикот, но некогаш токму овие правила можат да направат и проблем во самиот тек на преговорите. Често се случува сопственикот да забрани да се чуваат домашни миленици во домот или да ја ограничува вашата приватност со тоа што често ви реагира дека сте бучни и дека вашите гости остануваат до доцна. Ова е почесто случај кога сопственикот на објектот кој се издава под наем живее во истата зграда или куќа.

​Зошто да купите сопствен дом ?

Поседувајќи сопствен дом, вие на некој начин поседувате дополнителна вредност односно сигурност во вашиот живот. Исто така, кредитниот рејтинг ви се подобрува доколку сте сопственик на сопствен стан или куќа. Новите станбени и хипотекарни кредити со фиксна каматна стапка, бараат планирање на вашите месечни давачки по основ на кредит на подолг временски период. Просторот кој ви е на располагање во сопствен дом, дефинитивно е многу поголем отколку просторот во изнајмени живеалишта. Со тоа имате повеќе простор за вас, поголема дискреција или наречете го тоа едноставно - поголема комоција.

Одлуката да инвестирате во купување на сопствен дом, претставува една од најголемите финансиски инвестиции кои некогаш ќе ги направите, а воедно ви дава дополнителна моќ и возбуда. Дури 80% од потрошувачите сметаат дека купувањето на сопствен дом претставува добра финансиска одлука, но сепак, не е едноставно да донесете одлука кога да го направите овој значителен чекор напред во вашата кариера и живот. Изборот да станете сопственик на стан или куќа не претставува само финансиска обврска, воедно значи и емоционална зрелост да создадете план и финансиска рамка која одговара на вашиот животен стил и буџет.

Продложува на следната страна...