Продажбата на станови е намалена, но цената не е променета, дури бележи и благ пораст, соопшти денеска директорот на Агенцијата за катастар Славче Трпески.

Според Трпески, во првите три месеци од годинава се продадени 51 новоизграден стан, што е намалување во однос на четвртиот квартал во 2016. Сепак, се очекува раздвижување на пазарот и намалување на цените најмногу поради пониските каматни стапки на станбените кредити.

Катастарот во првите три месеци од годинава бележи намалување на бројот трансакции со недвижности генерално, односно пад од 51,4 отсто во споредба со истиот период лани.

Запишани се вкупно 2.590 трансакции што е најмал број за еден квартал од воспоставувањето на Регистарот на цени и закупнини. Најмногу трансакции се регистрирани во март, 1.040, а најмалку во јануари, 613, што е најмал број за еден месец од воспоставувањето на Регистарот.  

- Ваквото огромно намалување се должи пред се на зголемените законски бариери на пазарот на недвижности, неговата презаситеност со новоизградени станови и непроменетите цени и покрај лошите услови на пазарот, посочи Трпески на прес-конференција, додавајќи дека најголем проблем предизвикал новиот Закон за нотаријат кој во купо-продажбата на станови вклучува и адвокат. 

Од вкупниот број трансакции со недвижности, 79 отсто се однесуваат на продажби, 18 проценти на закупи, два отсто на продажби од инвеститор и еден процент на откупи од Република Македонија. 

Во однос на становите, во првиот квартал од 2017 се регистрирани 3.030 новоизградени кои не се непродадени, а во градба се 8.777 на целата територија на Македонија.

- Ако се направи споредба со четвртиот квартал од 2016, се забележува зголемување на непродадените станови за 225 и раст на становите во градба за 325, укажа Трпески.

Цената за метар квадратен во општина Центар е 45.562 денари, во Аеродром 51.739 денари, во Карпош 61.163 денари, во Ѓорче Петров 48.585, а во Кисела Вода 54.335.

Надвор од Скопје, цената на становите е стабилна во Струмица, Куманово и Охрид, додека поскапување има во Битола. 

Извешајот на Катастарот покажува и дека во првиот квартал од годинава се регистрирани само два закупа на станови и 28 закупи на деловни простори што е исто така голем пад на пазарот поради што, како што рече Трпески, не може да се објават просечните цени на закупите.

Незабележителен раст од 0,2 отсто е регистриран кај хипотеките на становите.

На ниво на Република Македонија, од вкупниот број регистрирани станови 10,09 отсто се под хипотека.