АМСМ информира: Овие патишта се блокирани утринава

На патниот правец Прилеп – Витолиште сообраќајот е дозволен само за лесни возила, со задолжителна употреба на зимска опрема, соопшти Автомото сојузот на Македонија.

Затворени за сообраќај се патиштата кон селата Герман, Гошинце и Алешевце.

На планинскиот премин Плетвар и на патниот правец Маврово – Дебар сеуште важи забраната за движење на тешки товарни возила.

Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози и со остатоци од снег на коловозите, по интервенција на екипите од Македонија пат.

На планинските премини, повисоките и осојничави места поради ниски температури можна е појава на голомразица. Врнежи од слаб снег во раните утрински часови се бележат во Крива Паланка.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци: Кочани - Македонска Каменица - Делчево, Виница - Берово, Гостивар - Стража, Маврово – Дебар - Струга, Демир Капија - Удово, Катланово - Велес, Крушево - Демир Хисар и Ресен - Буково.