„Ако си се здебелила, ќе ослабеш, ама паметот ако го немаш, нема ни да го имаш“

Само нервози ме следат деновиве, а кога сум нервозна јадам, ми велат  „Не е важен само изгледот, поважен е паметот. Да си се здебелила, ќе ослабеш, ама паметот ако го немаш, нема ни да го имаш“.

Секое време носи свои критериуми за тоа која жена е дебела, а која слаба, па и некоја жена која сосема нормално изгледа, според тие наметнати критериуми може да изгледа дебело. Сè е во главата и до тоа што нам ни се допаѓа, како и тоа дали ќе решиме да ги следиме трендовите или пак ќе бидеме свои. Важно е убаво да се чувствувате во сопствената кожа и да се сакате себеси, па тогаш и другите ќе ве сакаат, со неколку кила плус или минус.

-Мажите никогаш не се премеруваат со исти аршини како нас жените. Искрено, низ вакви теми гледам колку се жените за никаде. Ама буквално. Како одвај да чекаат слабите да ги нападнат полничките. Видете, сите имаме слаби точки, луѓе сме. Ама, кај дебелка девојка е очигледна нејзината слаба точка и да го искористиш тоа, за да атакуваш, е ептен бедно. Нема реципроцитет, а јас напад во неизедначен однос на сили, го сметам достоен за кукавици и слаби карактери. Ама, ни дебелкиве не се порани, слабите биле без облини. Ма, немој ти се молам... Од сите мои 55,5 кг. добар дел ми се во задников и колковиве и тврдам дека имам поатрактивни облини од многу со над 10 или 15 кг. од мене...И има многу машки кои преферираат полнички и има многу кои и сами се во оваа категорија, така да нема врска дека шансите се намалени кај посилниот пол, вели Симона.

-На кој како му одговара така некој ужива во храна некој ја сонува ама не ја пробува. И за сите има момчиња, познавам многу слаби девојки кои од својата опседнатост воопшто не ни јадат или ако го прекршат „заветот“ тогаш вежбаат, а добар дел од нив и се обидуваат да го повратат тоа што го изеле, страшно, објаснува Фросина.

-Не се сите дебели од јадење. Ако баш сакате да знаете, има луѓе кои се дебели поради хормонски пореметувања, некаква болест и слично.Јас ако држам диета и не можам да ослабам, прва работа што ја правам не е одење пред фрижидер и гнетење и пиење...Ако сметате дека сте дебели и тоа ви пречи, ослабете...А некој ако не може да ослабне така лесно, не е негова вина, или ако си се прифаќа дебел, вас нема што да ве занима...И многу нормално е дебела девојка да си има дечко, и она е човек, од крв и месо, само не е слабичка, а може да е многу попаметна од десет манекенки, вели Вики.