Аеродромци бараат казни за сопствениците на возила паркирани на јавниот простор

Откако од Општина Аеродром ги потсетија граѓаните дека е забрането паркирање и оставање возила, приколки и камп-приколки на плочници и тревници, како и паркирање хаварисани и нерегистрирани возила на јавни површини, аеродромци ги охрабрија надлежните да пишуваат казни.

Дел од жителите велат дека се додека не се „удри“ по џепот со казна граѓаните нема да реагираат со цел функционална општина. 

-Пуштете пајак, има доста железо ни Аеродром и Ново Лисиче, топилниците има да работат турбо! Не контам, ја оставил колата на паркинг да се распаѓа, па продај ја за делови, ем ќе земеш некој денар, ем ќе се исчисти паркингот. Дремат со години се распаѓаат по паркинзи, стај бре некој денар у џеб, па макар и ко старо железо, стојат ко споменици низ паркинзиве, вели еден аеродромец.

-Со години праќам пораки за отстранување на хаварисано возило кое премногу пречи и секогаш е одговорот дека останува сопственикот да го дислоцира. Сѐ додека не ги удрите по џеб, никој не презема ништо, реагира жителка на општината.

-Цела општина е со непрописно паркирани возила, по тротоари, по тревници. Еве ви прилика да не се жалите дека е криза почнете со казнување, човек неможе да помине нема тротоар слободен, како да се за коли истите, вели друг жител.

Минатата недела општинските инспекциски служби оставаа опомени за неправилно паркираните возила на неколку локации низ општината, со барање до сопствениците да ги отстранат во најбрз можен рок, затоа што во спротивно за нивно отстранување ќе бидат ангажирани надлежните служби.

-Апелираме до граѓаните на совесно однесување затоа што неправилно паркираните возила ја загрозуваат безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот, предизвикуваат материјална штета на плочниците и зелените површини, а претставуваат и лоша слика за нашата општина, потестија уште еднаш од општина Аеродром.