Доколку планирате да смените место на живеење, каде што би се чувствувале сигурно во главниот град, Драчево е најбезбедната населба во Скопје. Според статистиките на Министерството за внатрешни работи, во оваа скопска населба се случуваат најмалку кражби годишно. Лани биле ограбени 200 куќи, станови и возила додека, за споредба, во Центар се случиле 1.197 тешки кражби.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, минатата година крадците најмногу ограбувале возила (1.305 тешки кражби) и станови (753 тешки кражби).

Од скопските општини, најбезбедно односно најмалку тешки кражби во 2015 година имало во Драчево (200) и во Кисела Вода (389), додека „најинтересни“ за крадците се Центар (1.197), Карпош (812), Гази Баба (784) и Аеродром (700). Во околината на Бит-пазар се случиле 628 тешки кражби, во Ѓорче Петров 394 и во Чаир 500 кражби.

Надлежните велат дека скопските крадци не располагаат со софистицирана опрема, како специјален алат за кражба на и во возила. Крадците не го користат алатот што може легално да се нарача или купи за стотина евра, како што се декодери со чија помош може да провалат во возило за само неколку секунди, без оштетување на бравата. Тие ги кршат бравите или стаклата на возилата, а во постарите возила влегуваат полесно, без никакво оштетување поради застарената технологија за безбедност.