Зголемената минимална плата за некого бенефит, за други раздор

Мислењата околу зголемената минимална плата се навистина поделени, како и реакциите отколку официјално е донесено нејзиното покачување. 

Од една страна постојат луѓе кои досега биле пријавени на „минималец“, за кои тие неколку илјадарки плус се навистина големо олеснување во домашниот буџет. Други пак, развиваат теории дека сопствениците на приватни фирми ќе отпуштаат работници за да можат да останатите да им ја зголемат платата, а профитот да остане ист. 

„Поскапено е се, а се радуваме на 18.000 минималец“, „Луѓе ќе мора да потпишуваат договори на помалку саати за да не земаат 18.000, а ќе дремат со полно работно време“, се само дел од реакциите на социјалните мрежи. 

Секако, оваа одлука наиде и на поздрав од страна на дел од јавноста, особено споредувајќи со периодот кога минималната плата беше помалку од половина од сегашната, а трошоците за живот речиси исти како моменталните. 

Сепак, еден коментар не можевме, а да не го забележиме:

„И 8500 и 18000, пак сте сиромаси додека се клањате на политички партии“, напиша корисничка на Твитер. 

Поделените реакции покажуваат дека делумно се работи и за субјективно гледање на нештата, низ призма на партијата, но она што уште повеќе загрижува е недовербата дека вакво нешто ќе функционира во пракса. 

Не изостануваат ниту претпоставките дека работникот ќе треба на рака да ја врати разликата меѓу минималната и платата која ја зема. 

Можеме да заклучиме дека кај луѓето владее огромна недоверба кон законите и нивното спроведување, поради најразлични причини, но најмногу поради лошите лични искуства од минатото, жедноста за профит на „приватњаците“, особено во индустрии како што е текстилната.