Земјоделско земјиште во Ѓорче Петров ќе биде предмет на анализа за изградба на Клиничкиот Центар

Земјоделско земјиште во Ѓорче Петров, од наредната недела ќе биде предмет на анализа за изградба на долго најавуваниот Клинички Центар. Министерот за здравство најави дека е во тек формирање на работната група во која ќе има претставници од повеќе државни инситутции кои треба да утврдат дали просторот одговара за голем медицински комплекс.

- Добивме понуда од општина Ѓорче Петров дека имаат простор за изградба на Клинички и сега претставници од МЗ, од транспорт и врски, катастар, град Скопје и општината каде е земјиштето ќе прават проценка дали е целото државно, пристапот до него и може ли таму да има таков објект, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Ова е втора работна група која бара локација за Клинички, откако претходната неколку месеци го проценуваше земјиштето во Бардовци каде првично надлежните најавија дека ќе го градат новиот клинички центар. Но според Филипче наишле на многу пречки и ќе потрошеле многу пари за решавање на имотно правните односи.  Вели дека нема трета опција и крајниот избор ќе биде помеѓу Ѓорче и Бардовци.

- Очекуваме оваа работна група брзо да заврши со анализата и потоа ќе направиме проценка и ќе одлучиме каде ќе го градиме Клинички, вели Филипче.

Филипче не сака да прогнозира кога конечно ќе бидат удрени темелите на новиот клинички центар, но изминатите 10 години сите најавуваат а нов медицински комплекс се уште нема.