Заскитани куршуми раниле луѓе и паѓале врз возила за време на новогодишната ноќ

Две лица новогодишните празници ги поминале во болница откако за време на најлудата ноќ биле повредени од заскитан куршум.

Од МВР велат дека до сега имаат процесирано 4 пријави за заскитани куршуми но велат дека тоа можеби и не е конечната бројка со оглед на тоа што во одредени полициски станици можно е се уште да пристигнуваат пријави.

На неколку часа пред Нова Година, 26 годишен Скопјанец бил повреден од заскитан куршум и тоа во двор на училиште во скопско Студеничани.

Пријавени се и три оштетувања на автомобили од заскитани куршуми и тоа во скопски Чаир и Аеродром.
Министерот Спасовски сепак, новогодишната ноќ ја оцени како мирна.

И покрај серијата апели на полицијата и невладиниот сектор, прославувањето со огнено оружје и натаму се практикува во Македонија. Иако најголемиот проблем се јавува за новогодишните празници од полицијата велат дека граѓаните често се решаваат да се фатат за оружје и за време на свадби и други семејни веселби. Потсетуваат дека освен што е спротивно на законот, прославувањето со оружје може да биде и фатално.

Јавноста се уште го памети случајот со 19 годишната скопјанка Наташа Кметовска која пред 13 години на прославата на новогодишната ноќ беше погодена од заскитан куршум на плоштадот Македонија во Скопје. Подобро поминаа функционерите на ДУИ кога со оружје се славеше победата на локалните избори пред нивниот штаб во скопски Чаир.