Заштитат од кражби: Бетонска ограда околу гробиштата во Бутел

Градските гробишта „Бутел“ се оградуваат со ѕидана ограда долга 460 метри која со бетонски столбови и блокови се подига во висина од два метри. Старата и дотраена ограда од метална жица е отстранета, а бетонскиот ограден ѕид сега се простира од главната капија, кај административната зграда на АД „Бутел“ и стигнува до главниот влез на гробиштата. 

Од АД „Бутел“  објаснуваат дека кражбите на градските гробишта се постојана појава, а граѓаните најчесто се жалеле на кражби на кандила, вазни, цвеќе. Поплаките не стивнувале. Но, сега, велат одговорните од Бутел, кражбите ќе се намалат, а крадците не ќе смеат да се осмелат да влезат преку високата ограда. Обезбедувањето и чуварската служба, исто така, ќе бидат побезбедни и полесно ќе го контролираат и набљудуваат просторот. 

Во втората фаза од изградбата на бетонската ограда, предвидено е дополнително обновување и на другиот дел во продолжение на градските гробишта кон коцката, патот кон Шуто Оризари. Од АД „Бутел“ информираат дека веќе е обновена и оградата на задниот дел на гробиштата.

Фото: Нова Македонија