Започнува новиот, трет по ред циклус Саеми за вработување во Република Македонија

На 18. мај годинава започнува новиот, трет по ред циклус Саеми за вработување во Република Македонија. Саемот завршува на 15 јуни  во Скопје, а во тој интервал овој настан ќе се реализира и во други 5 поголеми градови и тоа: во  Штип  на 26 мај, Кавадарци  на 30 мај  Битола  на 6 јуни,  Тетово  на 8 јуни  и Струмица  на 13 јуни.

На овогодинешниот циклус Саеми за вработување се очекува голем број работодавачи од Република Македонија да ги претстават нивните потреби за вработување кадар пред најзаинтересираните – лицата кои бараат работа, но и пред широката јавност. Саемите за вработување овозможуваат на лице место работодавачите да ја изнесат својата побарувачка, а лицата заинтересирани за вработување во таа компанија да се информираат непосредно на лице место за условите кои се нудат.

-Агенцијата за вработување на РМ го иницираше овој циклус Саеми за вработување сè со цел да им се овозможат на младите луѓе блиски средби со потенцијалните работодавачи, како и задоволување на нивните реални потреби од конкретен кадар. Со цел да ја продлабочиме меѓусебната соработка и постојано да ги подобруваме услугите според потребите на двете страни, Агенцијата за вработување на Република Македонија како нивна заедничка точка го организираше Саемот за вработување во вид на караван да се реализира низ целата земја. Очекуваме одзивот да биде голем, а сатисфакцијата взаемна"- изјави директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски.

До сега се одржани вкупно 2 циклуси Саеми за вработување со учество на 734 работодавачи, повеќе од 79.000 посетители, а од невработените лица до работодавачите свои биографии (ЦВ) доставиле повеќе од 21.190 лица. Очекуваме и оваа година саемот за вработување да даде директен импакт во однос на целокупната вработеност во РМ.