Започнува целосна реконструкција на улиците „Тодор Чангов 20“ и „Ѓорѓи Капчев 9“ во општина Аеродром

Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски го најавија почетокот на реконструкцијата на улиците Тодор Чангов 20 и Ѓорѓи Капчев 9, кои се протегаат од бул. Февруарски поход до Усјанскиот канал.

Станува збор за промена на целата асфалтна конструкција со санација на пропаднатите места, како и промена на тампонскиот слој на улиците Тодор Чангов 20 и Ѓорѓи Капчев 9, во вкупна должина од 1 километар и 240 метри и широчина од 6 метри.

Исто така, на улицата ќе се задржи постојниот тротоар, но каде што има потреба ќе се направи нов тротоар од 1,5 метри, што значи широчината на улиците ќе биде вкупно 9 метри.

Коневски истакна дека изградбата на овие улици значи зајакнување на инфраструктурата во оваа населба со што ќе се подобри животот на нејзините жители, додавајќи дека инвестициите во општината продолжуваат.

-По изградбата на два колектора, изградба на пумпна станица, изградба на 50 километри фекална канализација, на парк, изградба на 9 километри троатоари, поставување на ново осветлување, изградба на новата градинка во руралниот дел, како и спортската сала во ОУ „Гоце Делчев“ и низа други проекти почнуваме со нов, вели Коневски.

Трајановски додаде дека Градот Скопје продолжува со поддршката на општините во Градот.

-Ова е добра можност да се подобрат условите за жителите кои живеат на оваа улица. Претходно беше направен фекален колектор, па со сегашната реконструција граѓаните ќе добијат подобро живеење и движење по улицата, вели Трајановски.

Вкупната инвестиција за овој проект чини 26 милиони денари, по пола со Град Скопје. Реконструкцијата се очекува да заврши за 90 дена.