Законот за урбано зеленило: Нема повеќе зграда до зграда, мора да има и зелени површини

Законот за урбано зеленило кој вчера е донесен во Собранието на Република Македонија, предвидува при изработка на урбанистичките планови и градежни проекти да се обезбеди најмалку 20 проценти зеленило на секоја градежна парцела.

– Во текот на постапката за добивање одобрение за градење, надлежниот орган на инвеститорот во изводот ќе му утврди колкав процент од парцелата за градење ќе биде зеленило. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста – се наведува во Законот за урбано зеленило.

Ова решение ќе им предизвика дополнителни проблеми на инвеститорите на новите градби бидејќи ќе го намали габаритот на објектот што се планира да се гради, тоа значи помалку станови за продажба, но и ќе го скуси и просторот на парцелата предвиден за задолжително обезбедување на паркинг-место за станарите.

Од градежната фела се сложуваат дека мора да се зголемува просторот во Скопје со зеленило, но не на сметка на паркирањето. Тие велат дека со зголемувањето на површината под зеленило на градежната парцела, треба паралелно да се решава и паркирањето на возилата. На пример, со изградба на подземни паркинзи на еден, два или три нивоа, во зависност од габаритот и бројот на станови во зградата, или пак, со предвидување на поголем број на катни гаражи во урбанистичките планови кои би биле во близина на два-три објекти и на тој начин станарите таму ќе си ги паркираат своите возила.

– Габаритот и катноста на еден објект е даден со градежната маркица. Во зависност од големината на локацијата, а за да се запази условот од 20 проценти зеленило, инвеститорот ќе биде присилен да го намали габаритот на објектот – велат градежниците.

Граѓаните, пак, истакнуваат дека петтина од градежната парцела да се предвиди за зеленило е одлично решение, бидејќи инвеститорите на градбите секој слободен простор на парцелата го пренаменуваат во паркинг и изгор скапо им го продаваат на станарите и од тоа дебело ќаруваат. Некои инвеститори на новоградби во Ново Лисиче и Кисела Вода, на пример, на станарите им наплатуваат од 3.000 до 5.000 евра за паркинг-место. Инвеститорите велат дека тоа го прават бидејќи ако паркинг-местото се вкалкулира во цената на станот тогаш и станот би бил поскап.

Законот за урбано зеленило ќе мора да предизвика промена на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање од 2012 година каде е утврден односот стан – паркинг-место, како задолжителна обврска за инвеститорите. Имено, едно паркинг-место за еден стан (без разлика на квадратурата) им следува на жителите на Центар. За станбени и куќи надвор од Центар едно паркинг-место следува на секои 80 метри квадратни изградена површина. Дуќаните мора да имаат обезбедено едно паркинг-место на 60 квадрати изградена површина, а државните институции 80 квадратни метри на вкупно изградена површина. За хотелите е предвидено едно-паркинг место на шест легла.