За љубов е потребна храброст и малку лудост, а не се сите подготвени за тоа...

Барав некој кој ќе ме сака со апсолутно прифаќање. Моите доблести и моите маани, кои иако се скриени зафаќаат добар дел од мојата личност. Тој беше тој. Ме познаваше дури и кога мислев дека никој не може да ме знае. Ги трпеше сите мои лудости и настојуваше да биде покрај мене секогаш кога ми беше потребен. И повеќе од тоа. Верував дека тоа не е љубов, туку поддршка и пријателство. Несвесна бев дека и едното и другото се огромен дел од љубовта која не ти ја даваат сите.

Не се интересираат сите за тоа како изгледаш наутро додека на себе го немаш сиот сјај од претходната вечер. Не може секој да биде тука кога е потребно и да те стави на својата листа приоритети. Тој можеше. Тој беше лудо заљубен во деловите од мене кој никој друг ги нема видено. Но, јас не можев. Не можам ни денес, затоа што научена сум да се откажувам. Тешко е да сакаш. Потребно е да се прилагодиш и себеси, а јас тоа ретко го правам. Да се откажеш е лесно. Отсекогаш било и секогаш ќе биде. За љубов е потребна храброст. Но и малку лудост. Тој беше луд.

Тој беше човекот кој чекаше моите викенди да пројдат, за во уморниот понеделник да ме чека и да ме теши дека се ќе биде океј.

Оној кој те сака ќе те критикува, затоа што знае дека секогаш и секаде можеш подобро. Нема да ти ласка дека си најдобра, затоа што тоа не е љубов, туку купување внимание. А добро знаеш дека чувствата не можат да се купат.

Оној кој те сака нема тактика, затоа што сите ставови му паднале во вода во моментот кога ти си се појавила.

Оној кој те сака не може да згреши, затоа што го знае патот до своето срце.

Оној кој те сака го знае твојот следен потег и пред да помислиш дека е време да го направиш тоа. Но, се труди да изгледа изенаден.

Оној кој те сака е подготвен да чека дури и ако никогаш не ја дочека својата улога во твојот живот. Затоа што е свесен дека со самото чекање нижи години на присуство во твојот живот кои се навистина важни.

Тоа е човекот кој ти ја враќа надежта во љубовта, неисцрпно обидувајќи се да ти докаже дека не е како другите.

Секогаш има некој кој те сака на начин кој единствено може да се нарече како вистински. А често и ти сакаш на тој начин. Но, често се случува поради страв од љубовта да се откажеш, затоа што за љубов е потребно повеќе од двајца луѓе кои се сакаат. Потребно е откажување и подготвеност која едната страна понекогаш ја нема.