Врело најдлабока подводна пештера во светот!?

Врело — две пештери (подводна и надводна) во близина на Скопје со досега откриена длабочина од 230 метри, што во моментов ја прави најдлабока подводна пештера на Балканот и втора најдлабока во Европа, но длабочината не е целосно откриена.

За пештерата Врело се смета дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот

Во 2008 година, пештерата била на 71. место во длабочина со 100 метри, но со новите истражувања, изведени во 2009 година, пештерата имала длабочина од 192 метри и се наоѓала на 14. место, според длабочината на подводни пештери. Во 2010 година, италијанскиот нуркач Луиџи Казати се спуштил до 212 метри, со што бил поставен нов рекорд на длабочина на пештерата. Сепак, во 2016 година, полскиот нуркач Кшиштоф Старнавски  се нурнал до длабочина од 230 метри, но изјавил дека „пештерата понатаму се гледа дека отвора подлабоко, но тоа го оставаме за следната експедиција“, со што и понатаму останува непозната вистинската длабочината на пештерата.

Подводната пештера Врело е сместена во кањонот Матка од десната страна на реката Треска во близина на Скопје. Пештерата е систем од две пештери една над (наречена Врело) и една под водата (наречена Подврело) и езеро. На таванот е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови. Посебно воодушевуваат „столбовите близнаци“, кои се високи околу 6 метри и се со бела кристална боја.

Во длабочината на пештерата се наоѓаат две езера, Мало и Големо Езеро со своја т.н. руска плажа. Плажата го добила името така што меѓу првите во неа се бањале руски пилоти вработени во македонското воздухопловство. Малото езеро има форма на осумка. Во најширокиот дел има димензија од 8 м, а должината и длабочината му се 15 м, додека Големото езеро има должина од 35 м, широчина од 15 м, а длабочина од 15-18 м. Присуството на сталактитите во водата упатува на заклучок дека некогаш во пештерата немало вода. Оваа констатација ја потврдува еден спелеолог и информира дека езерата се создадени по изградбата на акумулацијата Матка во 1963 година.

Во пештерата има и т.н. „концертна сала“, од чија лева страна се таканаречените „пишани камења“. Станува збор за систем од знаци, можеби и за писмо, за чие дешифрирање и толкување треба стручна помош.

До пештерата Врело се стигнува со организиран превоз со чамец кој трае околу 20 минути. Чамецот застанува на специјално направена платформа, а потоа се пешачи до влезот на пештерата. Веднаш на влезот се наоѓа „концертната сала“, а од левата страна се споменатите пишани камења. Централниот простор го зазема сталактитот „шишарка“ (висок два метра), според кој е наречена втората сала (Сала на шишарката), додека понатаму е третата сала (Сала на езерата). Во пештерата може да се сретнат лилјаци.