Во ОХИС се` уште има остатоци од опасна жива

Поранешни вработени во фабриката „ОХИС“ тврдат дека во кругот на фабриката има опасна жива, како остаток од работењето на некогашниот дел од погонот електролиза.

Тие го актуелизираа ова прашање на дебатата во Општина Кисела вода на која се одржа трибина за дислоцирање на опасни хемикалии од „ОХИС“.

Ефтим Мајсторовски, пензиониран работник од фабриката, изјави дека имало студија уште во 2009 година која покажала дека живата ја има во кругот на фабрика, а не била исклучена можноста таа понирала во земјата и во подземните води.

Посочи дека дилемата дали се уште постои во кругот на фабриката, треба да ги дадат анализите на надлежните институции.

– Како резултат на истражувањата кои беа направени тогаш , знаеме дека живина технологија се користеше во објектот електролиза и под тој погон во земјата постои можност да ја има под целиот овој објект.Анализите покажаа дека живата мигрирала во подлабоките слоеви на почвата подлабоко од 20 метри но и надвор од погонот. Во таа студија беше посочено дека постои опасност да биде зафатено земјиштето, се до кејот на Вардар, а земјата загадена и непогодна за земјоделски култури – рече Мајсторовски.

Според стечајниот управник на фабриката Маринко Саздовски во кругот на ОХИС немало жива како опасна материја за отстранување, пишува Нова Македонија.