Во Нов Зеланд со македонски навики: Почнав да свирам со автомобилот, сите се тргнаа на страна за да ми направат простор

Млад брачен пар од Македонија веќе 2 години живее во Нов Зеланд. И двајцата се факултетски образовани, но во родната држава немаше работа соодветна на тоа што го учеле, па и двајцата работеле како келнери. Животната судбина ги натерала да бараат нешто подобро.

-Веќе бевме во врска речиси 10 години, а и годините си одеа. Сакавме сите коцки да се средат па тогаш да се земеме. Но, секој ден тапкавме во место. Јас работев како шанкер, а таа како келнер. И покрај тие ниски примања, ние решивме да се земеме. Уште од самиот почеток на нашата врска имавме желба еден ден да живееме во Нов Зеланд. И еве сега после 5 години брак, нашата желба се исполни, ја почнува приказната Мето од Скопје.

Тие веќе две години, живеат и работат таму. Велат дека животот таму е како во бајка. Дека се е поразлично од кај нас.

Работат и имаат доволно финансии за себе, за домот, да шетање и по нешто да им остане на страна.

-Верувавме дека е прекрасно, но не до тој степен. Многу бевме изненадени кога дојдовме тука, раскажуваат тие.

Според нашите навики, Мето ја раскажува својата случка на улиците таму.

-Навикнати на нашето Скопје, постојан метеж со автомобили, возејќи кој како сака и каде сака, и јас така отидов таму. Едно утро додека одев на работа, ме фати голем метеж на една од главните улици во градот. Не сакав да доцнам, а изумив дека повеќе не сум во Македонија, туку во Нов Зеланд, почнав да свирам, несвесно. Одеднаш сите автомобили почнаа да се тргаат на страна, со цел да ми направат простор за да поминам. Се насмеав, ама и се почувствував многу непријатно. Сфатив дека тоа не е нормално кај нив и сфатив каде живеам сега. Луѓето таму не се брзаат, не се нервираат, раскажува тој.

Се е многу едноставно, сите се многу љубезни и отворени, велат тие.

-Кога отидовме таму едноставно се ни беше непознато. За да работам морав да ги средам документите кај нотар. Се пресметав во себе колку пари би дале во Македонија за такво средување, па помислив дека тука може да биде двојно поскапо. Најдов нотар и отидов. Откако документите ми беа средени и тоа во многу краток рок, по навика прашав колку сум должен за тоа. Нотарот ме погледна чудно и ми одговори дека не прима мито и дека си зема плата од државата за тоа. Уште еднаш ми стана непријатно. Се извинив и си излегов, раскажува Мето.

Тие велат дека со платите кои ги земаат може многу убаво да се живее.

-Во првите месеци кога отидовме немавме ништо. Веднаш изнајмивме куќа. Таа беше празна. Ние во рок од 4 месеци, со тамошните плати ја средивме целата. Купивме се што ни е потребно. Купивме веднаш и автомобил. Денеска имаме два автомобили. Половина плата ја трошиме, а половина ни останува на страна. Во план сме тука да си купиме и наша куќа. Нема да бидат проблем парите, само што има други процедури за тоа, велат тие.