Во Македонија невработени се 200 лекари, а недостасуваат двојно повеќе

Министерството за здравство сериозно подготвува мерки како да се подобри здравствениот систем со вработување на нов кадар. Како што појасни министерот за здравство Венко Филипче направена е една анализа, така што без градот Скопје потребно е да се вработат 380 доктори.

-Во здравствениот систем во Република Македонија треба вкупно да се вработат околу 2.300 луѓе, а најмногу доктори. Во Агенцијата за вработување има регистрирано 1.100 невработени медицински сестри и нешто помалку од 200 доктори. Сите да можеме да ги вработиме и повторно ќе нема доволно. Затоа почнавме да истражуваме иновативни начини за тоа како да ја подобриме патронажната служба, како и сервисите кои сега се даваат во болница – објасни министерот Филипче и дополни дека сериозно работат на имплементирање на Акцискиот план за намалување на смртноста на новороденчињата, при што направен е план кој ги опфатил сите фактори што влијаат на новороденечката смртност.

Филипче нагласи дека сериозно размислуваат да го зајакнат капацитетот на целокупниот здравствен систем и да се подобри пристапот со здравствена заштита на Ромите, како и квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.

Тој најави дека во моментов се спроведуваат превентивни редовни програми на Министерството за здравство, а се однесуваат на Ромите. Во нив ќе бидат опфатени бесплатни прегледи за време на бременост, бесплатни лабораториски испитувања доколку немаат здравствено осигурување, бесплатно породување… како и вклучување на патронажните сервиси кои исто така ја преземаат грижата за жената по породувањето.

Што се однесува пак на мерките што се преземаат за намалување на смртноста на мајките и новороденчињата, министерот Филипче информираше дека во соработка со експерти од УНФПА се спровела проценка на состојбата во родилиштата во Скопје и низ целата држава, резултатите се сумирани и врз основа на тоа ќе изградат стратегија за имплементирање на неопходните мерки.

– Околу 30-ина гинеколози, неонатолози се тренираа да бидат тренери во своите области и со чија помош понатаму ќе ги спроведеме тренинзите низ другите родилишта во нашата земја. Таму каде што сметаме треба да се дополни кадар, опрема, а тоа ќе го направиме во клиничките болници во Штип, Битола и во Тетово, каде се спроведуваат мерки и во пресрет излегуваат агенции со донација, а делумно правиме план за набавка преку Министерството за здравство – објасни Филипче.