Во кои случаи полицијата може да влезе во туѓ дом без писмена наредба

Примената на полициските овластувања мора да биде сразмерна на потребата заради која се преземаат.Од полициските овластувања се применуваат само оние со кои со најмалку штетни последици и во најкраток временски период ќе се оствари целта.

Полициските овластувања полицискиот службеник ги применува по службена должност, по наредба на раководен полициски службеник, по одлука на надлежен суд или наредба на надлежниот јавен обвинител, согласно со закон. Полицискиот службеник е должен да ги извршува одлуките и наредбите, освен ако нивното извршување очигледно претставува кривично дело.

Едно од овластувањата на полициските службеници предвидено со Законот за полиција е влегувањето во туѓ дом и други затворени простории. За влегување во туѓ дом потребна е писмена наредба , но постојат исклучоци каде законот дозволува влегување и без писмена наредба.

Полицискиот службеник може да влезе во туѓ дом и други затворени простории без писмена наредба и да изврши преглед на домот и просторот поврзан со домот само во следните случаи:

1. ако некој од домот повикува на помош;

2. ако тоа е потребно заради отстранување на сериозна опасност по животот и здравјето на луѓето;

3. ако тоа е потребно заради отстранување на сериозна опаност на имотот на граѓаните од поголеми размери;

4. ако држателот на домот или лицето кое престојува во домот тоа го бара или се согласува на тоа;

5. ако таму се наоѓа лице кое по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе;

6. поради лишување од слобода на сторител кој е затечен при извршување на кривично дело кое се гони по службена должност и

7. на место каде што е извршено кривично дело заради вршење увид.

Во случај на преземање на дејствијата од погоре, доколку влегувањето не може да се изврши на друг начин, полицискиот службеник ќе влезе во туѓиот дом и просторот поврзан со домот при тоа користејќи разумна сила и причинувајќи најмала можна штета.

Во случај кога полицискиот службеник презема дејствија согласно точките 4, 5, 6 и 7 се постапува согласно Законот за кривична постапка. Во таквите случаеви нема да се состави записник, туку на држателот на домот веднаш ќе му се издаде потврда, во која ќе се назначи причината за влегувањето во домот и сите забелешки на држателот. Ако во домот е извршен и претрес тогаш ќе се состави записник  кој мора да ги содржи причините за претрес без наредба.

Кога е извршен претрес без наредба за претрес, извршителот на претресот мора веднаш да го извести јавниот обвинител.

За преземените дејствија од точките 1, 2 и 3  полицискиот службеник изготвува службена белешка.

Извор: Правдико