Вело-остров во паркот спроти студентскиот „Гоце Делчев“

Под мотото „Вклучи се, за здрава животна средина“, денеска, Општина Карпош и Центарот за климатски промени го промовираа новиот велосипедски остров во паркот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Општина Карпош.

Локацијата на овој „Вело-остров“ непосредно ја избраа карпошани преку претходна јавна електронска анкета, која беше објавена на официјалната веб страна на Општина Карпош, 30 дена пред реализација на проектот. 

Целта на оваа акција е да се поттикне користењето на велосипеди како превозни средства, а со тоа и да се намали загадувањето на воздухот и бучавата во Скопје. Оваа активност е дел од акцискиот план за поголема вклученост на јавноста во процесот на донесување одлуки од областа на животната средина, кој е изработен за периодот 2017-2020 година, а самиот проект е финансиран во рамките на програмата за акциски грантови на Civica Mobilitas.

На настанот освен претставници на општината, присуствуваа и учениците од основното училиште „Јан Амос Коменски“, а првите 100 учесници добија флексибилни ленти, беџови, магнети и подметнувачи за чаши, брендирани со логото на проектот, донаторот и пораката за вклучување за поздрава животна средина.