Во рамки на летната манифестација „Скопски летен ритам" вечерва на плоштадот „Филип Втори", со почеток во 20:30 часот концертот ќе има  групата „Баклава".

Со својот репертоар од традиционална до светска музика, преку преработките и авторските песни на повеќе јазици и музички стилови, по многуте настапи на плоштадите во европските метрополи, „Баклава" се радуваат на настапот во родниот град, пред домашната публика.

„Ни се допаѓа идејата да свириме на отворен простор и така секој што сака може да ја слушне музиката, без грижа за билети, седишта, помали или поголеми привилегии. Едноставно, овој пристап му прилега на бендот, бидејќи нашиот настап не е помпезен, ниту шоу, туку сме фокусирани на музиката. Нашиот однос со публиката е близок, непосреден и затоа имаме успех во светот, без разлика што често не ни го разбираат јазикот", вели Дејан Сибиновски-Сибо, член на „Баклава".

Четиричлениот состав, синоним за музички деликатес, е составен од Елена Христова – вокал, Дејан Сибиновски – деф, Дејан Теодосиевски – виолончело и Ѓорѓи Клинчаров – тамбура. Тие ќе се обидат со нефилтриран звук и слика, при можност да бидат допрени и директно доживеани, да го предизвикаат нашето дигитално време и јулската скопска вечер да ја направат вредна за паметење.

„Во тек е промоцијата на најновата песна 'Пендолира', што ќе биде дел од најновиот албум. Ќе изведуваме музика и од постарите албуми и ќе има шаренило од годините зад нас, со претежно авторски песни, но и по некоја позната обработка. Верувам дека ќе биде една романтична вечер", најавува Дејан Сибиновски-Сибо во пресрет на саботниот концерт во Скопје.

Концертот на „Баклава" е бесплатен и е во организација на Конгресниот центар „Александар Македонски".