„Ван Хол“ целосно се сели во Македонија, платите овде биле три пати помали од тие во Белгија

Белгиската компанија „Ван Хол“ ќе се реструктуира поради условите на пазарот. Во нивните планови е да се запре производството на градски автобуси и да се преориентираат само на автобуси за превоз на патници и приколки

Во тоа преструктуирање 1.100 вработени од фабриката на „Ван Хол“ во Белгија ќе бидат отпуштени во наредните три години, до 2027, а производството на автобуси ќе се префрли речиси целосно во фабриката во Македонија, крај Скопје. Една од важните причини е што платата на вработените во овдешната фабрика на „Ван Хол“ е за околу три пати помала од онаа на белгиските работници.

Главната фабрика на „Ван Хол“ во Конингшоикт во Белгија ќе се фокусира на полуприколки кои бараат повисок степен на експертиза и нудат поголема додадена вредност за купувачот, а таму ќе остане и центарот за знаење, истражување и развој. Од компанијата изјавиле дека нема целосно да престанат со производство на автобуси за градски превоз, туку дека ќе бидат поселективни при нарачките.

Наводно, 31 март е поставен како краен рок за преструктуирањето но за тоа се потребни 45 милиони евра. Новото раководство на компанијата помошта ја гледа во фламанската влада на регионот и банките. Без договор до 31 март може да се случи „Ван Хол“ да поднесе поднесе барање за стечај.

Причина за кризата во „Ван Хол“, наводно, е конкуренцијата од азиските групи или големи европски автомобилски групи.

„Ван Хол“ сега би сакал да се фокусира на производството на луксузни автобуси. Тоа е пазар каде што има помала конкуренција и кинеските компании не се насочуваат веднаш.

Производството на тие автобуси, кои моментално сè уште се произведуваат во фабриката во Белгија, ќе се пресели главно или целосно во Македонија. Овде „Ван Хол“ долго го произведуваше ЕХ асортиманот на автобуси и модели за пазарот на Северна Америка. А произведува и градски автобуси. Така, кога ќе престане да прави градски автобуси, таму ќе ослободи капацитет за правење други автобуси.

Инаку, компанијата е присутна во Македонија повеќе од една деценија. Како што стои и на официјалната интернет страница на „Ван Хол“ во земјава, во јули 2012 година беше поставен камен-темелник кој го означи почетокот на изградбата на фабриката во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 во Бунарџик. Првиот произведен автобус ја напушти фабриката на 15 октомври 2013 година, со што „Ван Хол“ ја врати традицијата на автобуската индустрија во земјата.