Патувањето до Солун, дали за прошетка и кафе, дали за шопинг, за викенд или поради каква било друга причина, од 14 декември, ќе биде поскапо за македонските граѓани, но и за сите што ќе влезат во Грција преку граничниот премин Богородица.

Со задоцнување од над три месеци, почнува со работа новата патарина во Грција, оддалечена на само 500 метри од границата со Македонија. Првиот одреден термин, 31 август, беше одложен неколку месеци и сега, од 14 декември, според официјалната министерска одлука, патарината започнува со работа, а во еден правец, за автомобили ќе чини 1,80 евра. Со ова, сите оние ќе влегуваат во Грција, без разлика која и да е нивната крајна дестинација, ќе мора да имаат дополнителни 3,60 евра, доколку нивното патување вклучува и враќање во Македонија.

И за до Солун, и за до Атина, и за која било летна дестинација, но и за кој било град во Грција, секое поминување на границата ќе значи и плаќање патарина во зависност од видот на возилото.

Според заедничката министерска одлука, потпишана од министерот за финансии и министерот за транспорт на Грција, на 14-ти овој месец се воведуваат четири нови патарини во северниот дел на земјата. Одлуката објавена во „Службен весник“, до која стигна „Нова Македонија“, детално ги одредува цените на наплатните рампи.

На патарината „Евзони“, која го носи името на граничниот премин кон Македонија, се предвидени цени од 1,30 до 6,30 евра во зависност од категоријата на возилото.

Најевтино е за мотори – 1,30 евро, автомобили, односно моторни возила со или без приколка со висина до 2,70 метри ќе плаќаат 1,80 евра, камиони и автобуси со помалку од четири оски со или без приколка и висина над 2,70 метри ќе плаќаат 4,50 евра, додека пак најскапо, 6,30 евра, е за камиони и за други возила со четири или повеќе оски со или без приколка и висина од над 2,70 метри.