Тропски горештини во Скопје (фото)

Во Скопје денес тропски ден, со екстремно високи температури кои стигнуваат до 40-от Целзиусов степен. УВ индексот има вредност 9. 

Тие што не можат да ги одложат своите обврски и денес мораа да излезат на жешкиот скопски асфалт па објективот на Скопјеинфо ги забележа состојбите во главниот град каде секој брза што побрзо да најде сенка и да се излади.

Најтопло се очекува да биде за време на викендот, кога максималната температура во земјава ќе достигне и 42 степена. Од понеделник во попладневните часови ќе има појава на умерена локална облачност. УВ индексот и натаму ќе биде многу висок со вредност 9.

Според прогнозираните температури во наредните денови повеќе региони од земјава ќе бидат во портокалова фаза во однос на опасноста од високи температури.

Со оглед на тоа што се прогнозира портокалова фаза, Министерството за здравство излезе со соодветни препораки.По одржаниот состанок на Комисијата за топлотни бранови, се препорачува во следните три дена (од петок до недела) од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60-годишна возраст, а сите други лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавачите им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Исто така, препорака е да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено им се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

Прекршувања на препораките од страна на работодавачите може да се пријавуваат и кај дежурниот инспектор кој ги координира екипите во државата на 075 402 856.