Трендо и Хром: Убаво е чувството кога знаеш дека на некој му се допаѓа тоа што го правиш секојдневно

Графитите како уметничка форма датираат уште од времето на Античка Грција и Римската Империја. Иако во денешно време во Македонија графитите сеуште се еден вид на вандализам, во некои држави или градови тие се дозволени и претставуваат вистинска уметност дури и кога се нацртани на јавни површини. Ако навлеземе повеќе во зборот графити ќе дознаеме дека тоа е име за слики или букви, изгребани, исчкртани, насликани или означени на било кој начин, меѓутоа како уметничка форма тие еволуираат и се трансформираат во вистинска уметност.

За жал во Македонија, графитите се сеуште во категорија „загрозени“ и графитџиите се тајни уметници, но за среќа постојат луѓе, компании и институции  кои ја препознаваат оваа уметност и кои сакаат нивните ѕидови да бидат украсени со истата.

Во разговор со двајца графити артисти еден скопјанец и еден кумановец дознаваме како успеваат да ја изразат својата креативност и дали од времето кога почнале да цртаат, па до сега работите се сменети на подобро.

Скопје Инфо: Верувам од мали сте имале желба да се изразите креативно, но кога се роди вашата њубов токму кон графитите и желбата да цртате на јавни места?

Хром: Мојата љубов кон графитите се роди пред околу 22 години и еве, сеуште трае. Уште од мал ја имав таа дарба да се изразам преку слики, а во 96та сосема случајно еден мој пријател ме вовлече во графити уметноста. Иако првиот графит не беше целосно мој, туку на него работев како поддршка на еден мој другар, тоа дефинитивно беше моментот кога знаев дека тоа е мојата голема љубов.

Трендо: Кога бев 5то одделение почнаа да ме привлекуваат графитите кои беа исцртани по ѕидовите на моето училиште, беа толку примамливи што секогаш кога ќе поминував покрај нив застанував и ги анализирав боите, стилот и начинот на кои се нацртани. На истите ѕидови за краток период се изредија многу нови и интересни графити, па кругот околу училиштето секогаш ми беше интересен.

Скопје Инфо:  Колку години имавте кога го создадовте вашиот прв графит?

Хром: Мислам дека имав 13 или14 години не се сеќавам точно, но знам дека приказната започна кога еден мој другар ме замоли да му помогнам со боење на графитот. Сепак тоа не беше целосно мој графит затоа што тој веќе ја имаше целосната идеја од тоа што ќе биде темата, до боите кои подоцна ги користевме.  Подоцна и сам почнав да создравам и еве, сеуште го правам тоа.

Трендо: Дарбата за цртање и креативно изразување ја имав уште од мал. Се сеќавам дека скици од графити имав исцртани насекаде, но создавање голем графит е нешто сосема различно, потребна е добра ориентација и планирање на површината. Мојот прв успешен графит го нацртав во 2008 година, се сеќавам дека беше нацртан со три боци спреј и дека надвор беше многу ладно.

Скопје Инфо: Од каде ја црпите инспирацијата и тематиката за вашите графити?

Хром: Да бидам искрен за разлика од порано во денешно време е многу потешко да измислиш нешто свое. Затрупани сме со многу информации и слики, интернетот си го направи своето дури и во графити културата. Генерално секогаш се трудам да бидам интересен и оригинален како графити цртач. Најчесто црпам идеи од филмови, видео игри, цртани филмови, стрипови и работи со кои растев и кои ме правеа среќен.

Трендо: Се сложувам дека интернетот можеби и штети на уметничката слобода, меѓутоа отвора и нови погледи и е добар канал за инспирација. Ако ги земем како целина моите графити немаат една иста или конкретна тематика која им е заедничка. Идеите некако ми доаѓаат спонтано, можеби заради секојдневната посветеност кон графитите, но дефинитивно стилот е ист, секој мој графит може да се препознае по формите и прецизните линии кои ги користам.

Скопје Инфо: Вип е една од ретките компании во Македонија која во својата нова зграда ги отвори вратите за вас и својата внатрешност ја разубави со графити. Кој беше предизвикот за вас?

Хром: Со оглед на тоа дека цртањето на графити во Македонија се уште не е легално, а и постои одредена категорија на луѓе кои истите не ги смета за уметност, многу се израдував кога од Вип ме повикаа на разговор. Навистина е убаво чувството кога знаеш дека на некој му се допаѓа тоа што го правиш секојдневно, а уште поубаво е дека некој ги следи градските графити. Уште од првиот состанок со претставниците од Вип се почувствува таа добра енергија за соработка и креативност, а самото тоа што Вип ни ги отвори вратите и ни ги препушти своите осум ѕида беше предизвик.

Трендо: Цртањето на графити е предизвик само по себе, од друга страна цртањето во внатрешна просторија на внатрешен ѕид е поразлично од цртање на ѕид кој е под отворено небо. Целиот проект, целата организација и идејата да се црта во Вип беше предизвик и навистина се радувам што работите испаднаа како што беше замислено. Ретки се компаниите кои своите работни простории ги украсуваат со графити, јас искрено се надевам дека и другите компании во Македонија ќе го следат примерот на Вип и ќе ја искористат креативноста на графити цртачите.

Скопје Инфо: Графитџиите кај нас се „загрозена“ категорија, какво е чувството кога некој ќе ти даде парче ѕид и ќе го препушти на твојата креативност?

Хром: И после повеќе од 20 години во Скопје сеуште нема легални ѕидови за цртање на графити. Последниве неколку години започнаа некакви мали соработки со градските власти што е за пофалба. Повеќето цртежи со во договор со приватни сопственици или се нелегални. За нас секогаш сликите говорат. Затоа соработката со Вип многу ни се допадна. Од тимот на Вип бевме ослободени од притисоци и бевме препуштени на целосна креативност. Графитите се во склад со просторот, темата која ја зададовме беше телефонија, интернет, компанија, тим, достапност, односно зборови кое го опишуваат Вип семејството. Исто така и боите кои преовладуваат се блиски до боите на Вип логото, но се во склад и со самите простории. Сакавме графитите да се блиски до секој што ќе ја посети зградата на Вип на возраст од 7-77 години, а сепак секој цртач да го задржи и својот препознатлив стил.

Трендо: За жал малку луѓе ја знаат вредноста на графитите. Цртањето на графит бара многу работа и труд, целиот процес од идеја до имплементација не е толку лесен како што изгледа. Секој уметник е среќен кога нековата работа ќе биде препознаена и вреднувана, особено кога работата се наоѓа во категорија на „загрозени дејности“. Чувството што некој во Македонија ги препознава графитите како уметност, а во исто време ти дава можност да ја изразиш својата креативност е еднакво на радост. Секој ѕид е поубав со графити!

Скопје Инфо: Како ја остварувате таа интеракција помеѓу формата и содржината? Дали вообичаено размислувате за пораката што сакате да ја пренесете, а потоа барате соодветна слика за тоа?

Хром: Сакам да си поиграм со перцепцијата на минувачите. Морам да признаам дека не секогаш моите дела кријат и некоја голема порака. Последниве неколку години сум заинтересиран за форми и букви, постојаната игра помеѓу нив. Ги упростувам буквите до наједноставни во необични форми и обратно.

Трендо: Пред да започнам со цртање, прво размислувам за пораката која сакам да ја пренесам, согласно тоа подоцна ги бирам боите. Кога работам на проекти како во Вип, прво сликата ја поврзувам со компанијата и со пораката која сакам да ја пренесем и на крај ги вклопувам во еден креативен цртаж.

Скопје Инфо: Како е да се биде графитџија во Македонија?

Хром: Да се биде графитџија во Македонија, односно Скопје секогаш имало две страни. Може да биде многу забавно зошто генерално нашата мала субкултура функционира добро. Се знаеме колку сме и кои сме активни. Сепак не е Скопје некој град каде е ептен опасно да се биде графити цртач, градот си има свои многу поголеми проблеми за решавање. Поголемиот проблем за графити цртачите е финасискиот. Треба повеќе да се поработи на мали пазари и продавнички за продажба на дела од графитџии и улични уметници за да можат цртачите да бидат повеќе мотивирани.

Да се биде графити уметник во Македонија не е многу поразлично од другите држави каде што ваквата уметност не е дозволена. Не ни е отворен патот за да можеме слободно да создраваме, попрачени сме во средината во која живееме и твориме. Да бидам искрен не дека градските власти не се многу се сконцентрирани на нас и на нашите графити што ни остава простор за творење, но јас секако не се откажувам. Цртањето графити и изразување преку ваквата уметност за мене е задоволство, јас сакам да креирам бидејќи преку нив создавам своја димензија и линија на движење.