Тортијада во општина Илинден

Општина Илинден утре во Домот на културата „Илинден“ ќе биде домаќин и покровител на традиционалната 12-та по ред хуманитарна манифестација Тортијада „Слатка мистерија 2018“, што се организира во соработка со Хуманитарната организација Ангелчиња – ХОА.

Од општината информираат дека тортијадата на која ќе учествуваат аматери и професионалци слаткари, претставници на неколку општини, ќе се реализира во два дела-ревијален што ќе почне во 16:30 часот и официјален дел што ќе почне во 20 часот.

Во ревијалниот дел од 16:30 до 19 часот граѓаните ќе можат да ги разгледаат изложените торти и да гласаат според нив за најдобрата. Притоа, ќе можат да ја проследат културно-уметничката програма подготвена од учениците и децата од градинката од општина Илинден.

Во официјалниот дел што почнува во 20 часот ќе бидат избрани најдобрите торти во професионална и аматерска конкуренција, при што ќе се изврши лицитација на истите.

Средствата собрани од лицитацијата на тортите ќе бидат наменети за хуманитарното Здружение на граѓани и лица со хендикеп „Илинден“, од општината.