Тешко е, но нема да дозволам никој да ја тргне насмевката од моето лице

Одам на интервју за работа, малку поранив. Решив да седнам во едно од кафулињата отспротива. Тивко е, 10:00 ч наутро. Уште неколку луѓе околу мене пиејќи го утринското кафе и читајќи ги дневните вести. Некои на своите електронски уреди, други во печатено издание. 

Сите живееме поинаку. Живееме во град каде сите се нервозни, сите сакаат да се докажат некому, да бидат видени и слушнати. Не знаеме дали сакаме да бидеме дел од мнозинството – исти како нив, или пак да бидеме поинакви од сите други.

На сите нам ни е тешко живеењето, некој бара работа, некој има проблеми во семејството, друга личност е осамена. Тежок е животот за сите нас. А, наместо да си помогнеме едни на други или барем да се ислушаме, ние се споредуваме, озборуваме и осудуваме. Нема крај на тоа.

Јас ја напуштив мојата претходна работа. Не бев воопшто среќна на тоа место, ми предизвикуваше стрес кој ме мачеше со денови. Но, никој од моите пријатели не разбира зошто морав да заминам. Велат, имаш работа, трпи и молчи. Како да не гледаат во моето лице колку е уморно, како да не ме слушаат кога велам дека сум несреќна. Можеби е тоа бидејќи јас се трудам да не ја тргнам насмевката од моето лице. Јас не дозволувам да се самосожалувам, сакам подобро и се борам за тоа, но не сакам да престанам да се смеам. Не сакам да застанам со животот, само ако сум имала еден лош ден или недела.

И јас имам тешки денови, и недели, па и месеци. Не е лесно да се живее во овој град, држава и во ова извртено општество во кое живееме, но тоа е тоа што го имаме. Можеме да се бориме за подобро, но во меѓувреме, никогаш да не престанеме да се смееме.