Театар Отпишани: За нас е најважна пораката која ја носиме со нашите претстави и општествените и социјалните промени кои ги создаваме

Младите актери од алтернативниот Театар Отпшани, полека но сигурно го освојуваат своето место на театарската сцена. Иако како театар постојат од 2021 година, задсебе веќе имаат бројни изведби и награди на меѓународно ниво. Публиката секогаш сакаат да ја насмеат, но и да отворат дијалог за сериозни општествени теми.

За нив создавањето на сопствен театар значи победа на уметничкиот дух над институционалната обременетост во културата и креирање на еден нов простор за слободно творење. Притоа додаваат дека одлично е во Македонија да се биде млад актер кој сам без особена поддршка треба да си го создава патот на сцената.

Тематиката во нивните претстави е различна, но секогаш актуелна и до срж искрена. Сакаат да ги кршат бариерите и стереотипите во Македонија, а и не се плашат да го искажат својот став за проблемите со кои секој еден од нас се среќава секојдневно во државава.

- Нашата основна цел е развој на алтернативниот театар и продукција на претстави со сосема нов стил, естетика и поразлична уметничка вредност од тоа на што е навикната публиката да го гледа на македонската театарска сцена. Работиме современи македонски драмски текстови, кои се блиски до сите групи на граѓани. Иако сатирата и апсурдот ни се главни стилски одредници, нашите претставите се базирани на реални приказни кои во себе носат силна порака за општествени промени, велат од Отпишани.

Во изминативе две години беа наградени со шест интернационални и една домашна награда. Освуваат барем една награда на секој од фестивалите на кои учествуваат и се надеваат дека ќе продолжат со ист успех и во иднина. Велат сите награди имаат посебно значење за нив, а на фестивалот во Уб, Србија, на кој неодамна учествуваа, нивниот актер Огнен Велевски ја освои наградата за најдобра машка улога.

На 2-ри декември во Дом на АРМ ќе имаат премиера на новата претстава насловена "Среќен мртовец", во која соработуваат со легендарниот актер Благоја Чоревски, па моравме да ги запрашаме како дојде до оваа несекојдневна соработка.

- Драмскиот текст „Среќен мртовец“ освои престижна европска награда на „Еуродрама 2022“ година, по што не исконтактира господинот Чоревски со желба да го прочита текстот. Соработката беше договорена многу брзо бидејќи имавме иста идеја и визија да создадеме театарска претстава која ќе допре до обичниот граѓанин кој се бори со нефункционалната државна администрација и бирократски систем, додаваат тие.

„Среќен мртовец“ е сатирична драма за живиот мртовец Живко, кој поради системска грешка добива решение дека починал. Иако велат новите и повозрасните генерации се тешки за спојување, сепак оваа претстава е доказ дека кога се сака се се може. 

-Соработка со Благој Чоревски несомнено донесе нов квалитет и поинаков начин на работа. Сигурни сме сигурни дека ова искуство значително ќе придонесе во подигање на квалитетот на нашите претстави на едно повисоко ниво.

Претставата е веќе распродадена, а како што велат од театарот репризно ќе ја играат на 8ми декември во Штип.

Запрашани што според нив е повредно, дали освоената наградата, аплаузот на публиката или искуството кое го добиват по секоја одиграна претстава, велат дека секако се горди на наградите и благодарни на аплаузот од публиката, но искуството е од непроценливо значење за понатамошениот развој. Сепак за нив е најважна пораката која ја носат со претставите и општествените и социјалните промени кои ги создаваат.

- Во периодот кој следува, согласно нашата програма, планираме продукција на нова театарска претстава, гостувања во сите градови во нашата држава, како и учество на неколку меѓународни фестивали, завршуваат од Театар Отпишани.

(Наталија Јосифоска)