Фамилија Тангови во соработка со МКЦ Клуб ресторанот  го најавуваат концертот на танго триото Лос Милонгитас од Аргентина во Скопје.

Како дел од нивната прва европска турнеја а во склоп на настанот Скопје Танго Викенд бр.3, концертот е закажан за 16 јуни од 21 часот во МКЦ Клуб ресторанот. Тој ќе биде придружен од милонга (танго игранка) на која ќе учествуваат домашни и странски танчери.

Ова трио, кое постоиод 2014 година, својот музички репертоар го формира под девизата: подиумот за танц цело време да биде исполнет со танчери.

Творејќи под влијанието на големите аргентински оркестри од златното доба на тангото (Ди Сарли, Д`Ариенцо, Кало), Лос Милонгитас создаваат свои верзии за трио на популарните танго композиции како и свои авторски дела, имајќи ги секогаш на ум желбите и потребите на танчерите, вистинските протагонисти на подиумот за танц. Зад името Лос Милонгитас стојат неговите основачи, пијанистот Пабло Мургиер, бандонеонистот Симоне Толомео и контрабасистот Алесио Менеголи. Нивната музичка заднина им овозможува да понудат интересни и иновативни аранжмани, под влијанието на аргентинската поп-музика па до џез и рок.

Фамилија Тангови Скопје веќе шеста година активно работи на ширење и промовирање на танго културата во градот. Во подготовки е петиот по ред интернационален танго маратон – Маратангон кој ќе се одржи на крајот од октомври.