Во пресрет на претстојното доделување на најпрестижните Европски фестивалски награди музичките фестивали во организација на „Пасворд Продакшн“, Таксират и Д Фестивал се закитија со три номинации и влегуваат во трката за најзначајната фестивалска титула во Европа! 

Ова е деветта номинација меѓу најдобрите европски фестивали за скопскиот Таксират, и тоа во две категории, за „Најдобар мал фестивал“ (BEST SMALL FESTIVAL – до 10.000 посетители дневно) и за „Најдобар фестивал во затворен простор“ (BEST INDOOR FESTIVAL). За Д Фестивал, пак, единствениот летен open-air фестивал во Македонија, ова е трета номинација по ред, а по своето рекордно издание годинава влегува во нова, повисока категорија, за „Најдобар фестивал до 40.000 посетители“ (BEST MEDIUM-SIZED FESTIVAL).

Гласањето за Европските фестивалски награди веќе започна и ќе трае до 30 ноември. Сите кои ќе гласаат во овој период, воедно учествуваат и во наградната игра со која можат да освојат влезници за најдобрите фестивали во Европа.

Прогласувањето на победниците ќе се одржи на 17 јануари 2018, на свечената церемонија за отворањето на фестивалот и музичката конференција Eurosonic Noorderslag во Гронинген во Холандија. За победниците во секоја од категориите, се одлучува според гласовите од публиката, но и стручното жири кое го сочинуваат истакнати личности од светската музичка индустрија.