Тајните во дождовите на Скопска Црна Гора

Како причина за поплавите кај обиколницата и во атарот на село Стајковци се наведуваат дождовите и наносите кои доаѓале од падините на Скопска Црна Гора, над селата Булачани, Виниче и Црешево. Токму во тој посочен предел постои месност во чие име е содржана легенда, која многу потсетува на неодамнешната трагедија

На само петнаесетина-дваесет километри од центарот на македонската метропола, скопската Блатија, која на некој начин е подножје на Скопска Црна Гора, за голем дел од сите што се нарекуваат жители на Скопје е „неоткриена приказна“. Она што може уште повеќе да зачуди, тоа воопшто не е напуштен и запуштен крај, туку напротив, реон со повеќе села кои имаат активен живот со голем удел во прехранувањето на главниот град. За жал, големите несреќи секогаш предоцна ни ги отвораат очите за животот, местата, случувањата и приказните што ни биле зад „пердето на воздигнатоста“.

Саботната (6 август) дождовна апокалипса над Скопје, на тажен начин на цела Македонија и' го откри постоењето на селата на просторот кој во последниве седум-осум години се нарекува скопска обиколница, а инаку во повеќе научни, па и уметнички публикации (најмногу во однос на етнологијата, фолклорот и носиите) се нарекува скопска Блатија. Всушност сега поплавените села, главно „нанижани“ на низата од приградската автобуска линија „65“: Сингелиќ (за кое денес жителите-Албанци си го употребуваат називот од турско време – Асанбегово), Стајковци, Црешево, Смилковци, па и повисоко во планината сместените Виниче, Булачани и Раштак... постојат денес и низ историјата на своевидниот географски премин меѓу планината Скопска Црна Гора и скопската Блатија. 

Иако податоците на Википедија и во стручната литература за областа Блатија велат дека: „Името на областа Блатија потекнува од нејзината близина до Катлановското Блато, а и од самото мочурливо и блатесто земјиште во близината на реката Вардар поради честите негови излевања од коритото. Во составот на областа скопска Блатија влегуваат следниве села: Петровец, ’Ржаничино, Долно Коњари, Средно Коњари, Горно Коњари, Сушица (Скопско), Дивље, Летевци, Катланово, Бадар, Брезица, Кожле, Блаце, Огњанци, Градманци, Ќојлија (под Општина Петровец), Таор, Ново Село и Пакошево (под општина Зелениково)“..., селата од линијата „65“ со многу карактеристики, како сврзани садови, се поврзани со „мочурливата судбина“ на Блатијата. 

Потопот што се случи на 6 август годинава, од кој најмногу настрадаа селата Стајковци, Сингелиќ (речиси нема видлива „граница“ меѓу овие две села на самиот излез од она што се нарекува урбано Скопје), како и Црешево, Смилковци, Страчинци (на другата, северната страна од обиколницата), по шокот и тагата од несреќите што ги предизвика (до сега официјално со 22 жртви), отвори многу проблеми, прашања, дискусии, кои се на пат да преминат во политички расправии... На тажен начин, но скопската Блатија влезе во фокусот на македонската јавност.

Стајковци - релативно младо село

Всушност, село Стајковци е едно од најмладите села во оваа област. „Кога е основано селото не може со точност да се утврди, но сеќавањата на денешните жители за своите предци на овој простор, досегаат до почетокот на 19 век. Сепак старини биле пронаоѓани во месностите: Стари гројба (преорано во 1918 година) лево од патот Стајковци Сингелиќ каде што се познавале крстови поради тоа што со сигурност се знаело дека тоа се христијански гробишта кои припаѓале на македонското население кое за време на турското ропство било уништено или иселено, како и во месностите Јаболче и Каменик каде што биле пронајдени „згурија од ковачница“ и мали мермерни блокови. Опустошувањето на старото село морало да биде многу одамна, бидејќи доселениците кои дошле во 19 век не ги наследиле тие гробишта, туку своите починати ги погребувале во соседното село Црешево се' до 1942 година, кога Стајковци основало нови гробишта. До втората половина на 19 век низ Стајковци водел важен кираџиски пат по кој од Скопје се одело за Куманово или Овче Поле, поради што во Стајковци постоел еден ан во сопственост на некојси Максут-ага, кој бил затворен со изградбата на новите колски патишта и губењето на значењето на овој кираџиски пат. Во 19 век село Стајковци било целосно чифлигарско село (поради одличната местоположба и плодноста на земјиштето) на повеќе турски поседници од Скопје, кои во 20 век имале 4 кули и биле застапувани од албански „ќаи“.

Од чифлигарството, Стајковци започнало да се ослободува од 1900 година со постепено откупување на земјиштето на атарот, од кое селаните успеале да откупат две третини, додека една третина преку аграрна реформа српската (кралска југословенска) окупаторска власт по Првата светска војна им ја отстапила на доселениците во селото Сингелиќ.

Со раширувањето на градот Скопје и изградбата на голем број на фабрики по Втората светска војна, Стајковци станало привлечно место за доселување на луѓе од околните села, како и од североисточните краишта на Македонија (Кумановско, Кривопаланечко), при што селото нагло почнало да расте добивајќи ја денешната големина и изглед на приградска населба.

Селото Стајковци лежи во низината, која благо се спушта од северозапад кон југоисток. На северозапад низината е висока околу 265 метри, а на југоисток нејзината висина изнесува околу 237 метри.

Во неговата непосредна близина се наоѓаат селата Црешево, Виниче, Брњарци и Сингелиќ кое е споено со населбата Методија Андонов-Ченто, односно градот Скопје, а низ самото село Стајковци води патот кон овие села. Непосредно крај селото од северната страна минува обиколницата. Местоположбата на село Стајковци е многу поволна од аспект на стопанските и сообраќајните прилики, кои непосредно влијаат на неговата големина и значење. На целиот атар во најголема мера преовладува обработливото земјиште (над 99 отсто), додека сосема незначителен дел отпаѓа на пасиштата.“

Сето ова може да се најде на „Википедија“ за село Стајковци. 

Легендата за Влај Гроб

Како причина за поплавите кај обиколницата и во атарот на село Стајковци се наведуваат дождовите и наносите кои доаѓале од падините на Скопска Црна Гора, над селата Булачани, Виниче и Црешево. Токму во тој посочен предел постои месност, во чие име е содржана легендата, која многу потсетува и на некој начин предупредувала за опасностите од дождовите во овие области. Таа месност се нарекува Влај Гроб, која може да се најде на попрецизните карти, а велат дека е неизбежна на воените мапи. Иако, административно се наоѓа во општината, сепак Влај Гроб е на оддалеченост од само 16 километри североисточно од главниот град Скопје и се наоѓа на 1.077 метри надморска височина. 

Теренот околу Влај Гроб е ридски на североисток, но југозападниот е планински. Влај Гроб се наоѓа горе на ридот. Највисоката точка во близина е 1.433 метри надморска височина, 1,3 км западно од Влај Гроб. Во соседството околу Влај Гроб има невообичаено многу име рок формации и рамнини. Околината Влај Гроб е мозаик од обработливо земјиште и природна вегетација.

Она што е интригантно е причината за именувањето на ова место, речиси на врв на планина. Повозрасните жители на селото Булачани, знаат да се потсетат на легендата за името на Влај Гроб. Имено ова село, кое се споменува во записите за Скопје уште во 15 век (постојат и индикативни сомневања дека во неговиот атар би можел да биде и гробот на Крале Марко), е најблиската „цивилизација“ до оваа месност, наречена Влај Гроб, којашто била користена и за пасишта.

Легендата вели дека токму во тој предел почнувале поројни дождови кои често ги поплавувале селата на падините на Скопска Црна Гора. Дали се погодиле такви дождовни години, или постојано било така, не се прецизира во легендата, но се вели дека населението решило некако да најде чаре и да изгради нешто налик на насип, или брана со која ќе ги запре поплавите и штетите од дождовите. Како и во повеќе легенди од овој тип, градителите ноќе граделе, навечер им се уривало изграденото. Насипот не можел никако да се „фати“. И тогаш се случува моментот во легендата – на барање жртва, обично човечка и женска. Во „првата жена што ќе наиде“ се гледал спасот од несреќите. И прва наишла девојка на коњ, за која се вели дека била Влаинка, која им носела храна на овчарите на пасиштата. Девојката била заѕидана во браната, а поплавите и дождовите престанале... Барем според легендата, а пределот го добил името Влај Гроб, за кој малкумина знаат, а на „Википедија“ може да се најдат податоци само на шведски јазик.

Навистина, легендите не се сметаат како веродостојна основа за научен доказ, но нивното создавање и опстанување низ времето, сепак, укажува на одредено случување, на кој низ усните преданија му се изгубила временската одредница и прецизноста на текот на настаните. Именувањето на некое место според некаква легенда, на свој начин сведочи дека настанот некогаш навистина се случил. Одвреме- навреме, како неодамна, дождовите знаат да „разбудат“ некоја страшна тајна од легендите.

Јасмина Павловска / Утрински Весник